Македонија
9. February 2017 - 13:26

Протест против СЈО во Охрид

Граѓани на Охрид, партиски членови и симпатизери на ВМРО - ДПМНЕ, денеска на пладне одржаа мирен протест пред зградата на Секторот за внатрешни работи.

Со транспаренти „СЈО против Македонија“, „СЈО слуги на Заев“, „Зошто го браните ПУЧ?, тие протестираа поради повикувањето на информативни разговори на членови на партијата, на барање на СЈО во врска со финансирањето на партијата и личните донации за време на изборите во 2014 година.

Обраќања пред собраните граѓани имаа пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски кои потоа влегоа во зградата на СВР на распит по претходно добиена покана од страна на СЈО.

- Како пратеник кој го гласаше во Собранието на Република Македонија Специјалното јавно обвинителство и како пратеник во следниот парламентарен состав сакам јавно да кажам дека во мене денеска постои длабоко разочарување, затоа што ова СЈО веќе зема страна и за мене од денеска е веќе Селективно јавно обвинителство. Не случајно Селективното јавно обвинителство доаѓа во Охрид со ваква хајка на компромитирање на угледни фамилии, активисти и членови на ВМРО-ДПМНЕ, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски.

Посочи дека доколку знаел оти ќе имаат селективна правда и селективна работа никогаш немало како пратеник да го притиснам зеленото копче за СЈО.
 
СЈО, како што нагласи, досега не извади ниту еден документ за криминалите на СДСМ и аболицираниот Зоран Заев.
 
- СЈО треба да работи транспарентно, да работи во правото и да го сочува угледот на граѓаните. Од денеска охриѓани ќе кажат „не“ на Селективното јавно обвинителство и нема да бидеме повикувани, уценувани со закани. Ние не сме криминалци, истакна Василевски.
 
Според него, СЈО нема право да се однесува кон граѓаните кои донирале како да се криминалци. - Ова е правен преседан, ако се повикува на судско рочиште сведок, обвинет тоа треба да го прави судска служба , а не како во ‘47 година да доаѓа полиција. СЈО е вонуставна категорија и ќе се бориме да го укинеме, изјави Василевски.

На протестот пред СВР Охрид се обрати и пратеникот и претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Љубен Арнаудов.

- Тие доаѓаат нас овде не испитуваат зошто сме дале 1.000 денари донација за партијата. Не е во ред. Нека се насочат на проблемите, нека се насочат на оние криминални зделки кои ги правеле, евро за мене, евро за брат ми. Што е ова, на ништо не личи. Па ние не сме будали луѓе овде. Се собравме сите, ќе дадеме отпор и ова нема да го дозволиме вака, да хараат како сакаат. Не е ова фашизам. Нас не обвинуваат за ништо, а тие тоа нешто го прават. Не може веќе вака. Ние сме сите организирани и заедно ќе влеземе овде. Сите ги имаме овие покани. Зошто е вака? Стварно не ми е јасно мене. Ние овде сме како сведоци, но вчера бевме гонети како да сме обвинети, рече Арнаудов.

Учесниците на протестниот собир сметаат дека однесувањето на СЈО е неприфатливо и селективно, заради што бараат негово распуштање.

На околу 200 членови на ВМРО – ДПМНЕ, меѓу кои актуелни и поранешни директори на државни институции и служби, здравствени организации, јавни претпријатија и истакнати членови на партијата од Охрид во текот на вчерашниот ден им стигнале покани за информативен разговор во полиција со претставници на Специјалното јавно обвинителство, што беше потврдено од страна на претседателот на Општинскиот комитет на партијата, Љубен Арнаудов.