Балкан
18. November 2015 - 8:52

Протест на земјоделците во Атина

Грчките земјоделци за денеска најавија протестен митинг во Атина поради плановите на Владата да воведе даноци за нив, јави АНА-МПА.

Одлуката за протестот е донесена од земјоделските здруженија од цела Грција. Движењето „Земјоделска иницијатива“ преку соопштение апелира за масовност на протестот и да не дозволат гласање на владините мерки во Парламентот.

Грчката Влада презеде обврска пред меѓународните кредитори да ја зголемат даночната стапка на приходите на земјоделците. Се очекува идната година даночната стапка да се зголеми од 13 на 20 проценти, а во 2017 година да достигна до 26 отсто.

Според грчките медиуми девет од десет земјоделци во Грција пријавиле годишен приход до 5.000 евра, што се толкува како обид на земјоделците да ги скријат приходите.