Македонија
27. November 2020 - 21:18

Протест на ВМРО-ДПМНЕ во 7 македонски градови под мотото: Оставка на Заев, слобода на народот

Оставка на Заев, слобода на народот. Пораката вечерва ја упати опозицијата од седум градови низ државава, а директен повод како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, е продажбата на националните интереси од Зоран Заев.

Со почеток во 18 часот, колони од автомобили во Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Куманово и Тетово го пренесоа главното барање од протестите – оставка од Заев.

Премиерот не смее да го продава македонскиот идентитет во преговорите со Бугарија, порачаа ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

Автомобилски свирки и на прилепските улици. Сервилноста на оваа Влада не донесе пред комплетно бришење, потенцираа од опозицијата во овој град.

Оставка на Заев за исчекор напред на Македонија, беше побарано и од протестот во Велес.

Во Битола, пак, протестот почна пред седиштето на СДСМ, а заврши пред споменикот на народниот херој Стив Наумов. Се слушна пораката дека ова е надпартиски собир, односно собир на сите оние кои ја сакаат Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека протестите нема да запрат. Веќе за утре е најавен нов во главниот град со почеток во 12 часот и 30 минути. Автомобилите ќе тргнат од две локации – салите „Борис Трајковски” и „Јане Сандански”, а главните пораки ќе бидат упатени пред Владата.