Балкан
1. October 2020 - 16:21

Протест на учениците и просветните работници во Атина

Со мали инциденти пред грчкиот Парламент и со пораката до Владата да ги преземе неопходните мерки во училиштатат за заштита од коронавирусот, заврши протестот во Атина на учениците и просветните работници.

„Не за уште една загубена годна, образование, здравје, безбедност во сите училишта“; „Маската не е единствената заштита“; „Дајте пари за образованието“, беа дел од слоганите на протестот, а главните барање на учениците се да се намали бројот на учениците во одделенијата, да се зголеми бројот на наставници и професори, но и да се зголеми бројот на хигиеничари.

Кусо пред крајот на протестот, пред грчкиот Парламент имаше и мали инциденти кога група млади лица фрлија молотови коктели и камења кон полицијата, која одговори со солзавец, по што и се смирија страстите. Во Грција над 800 училишта не функционираат регуларно со оглед на тоа дека 148 се делумно затворени поради регистриран случај на Ковид-19, додека пак во околу 700 не се одржува настава и се затворени поради опсади од учениците кои бараат исполнување на нивните барања.

Министерката за образование на Грција, Ники Керамеос рече дека за училиштата кои веќе извесно време се затворени поради опсадите, од денеска започнува задолжителна онлајн настава, а во саботите, за време на празниците и слично, ќе бидат надополнети сите изгубени часови.

– Легитимен е секој став и мислење, но дијалогот треба да се одвива со отворени училишта. Не може кој било да го спречува пристапот до образованието, порача Керамеос.