Македонија
15. November 2019 - 17:51

Протест на судската администрација

Час и половина судовите низ државата не работеа поради протест на судските службеници. Административците велат дека судиите преку Судскиот буџетски совет сами на себе си доделуваат поголеми додатоци со изговор дека администрацијата веќе добила зголемување на платите за 5 отсто.

- Судскиот буџетски совет да ја прекине праксата на дискриминирачки и игнорантски однос кон судската служба со донесување одлуки со кои пари за судиите секогаш има, а за судската служба нема. Да прекине со создавање на раздор, незадоволство и револт со ваквите одлуки меѓу вработените, вели Петре Неделковски од Апелацискиот суд.

Службениците добија поддршка и од претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, иако тој не гледа проблем во Судско-буџетскиот совет. Вели дека судските работници биле меѓу највредните и заслужуваат поголеми примања.

Сепак, министерката Десковска упати критики кон сите вработени во судството, но и лично кон Џолев. Според неа, многу е лесно да се даде поддршка на протест за зголемување на плати, но не и на протест за морални вредности.

- Навистина е непријатно кога во рамките на судството се јавуваат конфликти, внатре, за начинот на поделба на средства за кои самите одлучуваат, што всушност значи гласност и конфликт за пари. Жално е што не слушнавме став од сверата на судството по однос на прашањата заради кои судството е со најниска доверба меѓу граѓаните. Јас искрено очекувам претседателот на Кривичниот суд во Скопје да излезе со протест врз своите колеги зошто некои случаи не се отвораат по три месеци, зошто застаруваат предмети во неговиот суд, рече Десковска.

Според Десковска, претседателите на судиите линеарно даваат додатоци на сите вработени без претходна евалуација на нивната работа. Вели дека тоа се прави поради „мир во куќа“, но според неа, таквиот пристап е погрешен.

За министерката нема пречка членови на Синдикатот да бидат дел од Судскиот-буџетски совет, но вели дека тоа не може да се направи во предизборието.