Македонија
26. September 2023 - 16:34

Протест на родителите од училиштето во Јурумлери, не се против албанска паралелка но тврдат дека нема услови

Отворањето албанска паралелка од 6то до 9то одделение во ООУ Његош во Јурумлери со години наназад е спорна тема помеѓу родителите чии деца учат во тоа училиште.

Училиштето е пренатрупано, има преголем број на ученици а нема доволно наставен кадар сметаат родителите кои утринава изглегоа на протест пред училиштето. Велат немаат против да се отвори паралелка на албански јазик до 9то одделение, но да се прошири училиштето, бидејќи нема доволно капацитет. Во едно одделение се 60 ученици со еден наставник. Од денеска ќе ја бојкотираат наставата и бараат министерот за образование да се одврати од идејата да отвори нови паралелки.

Станува збор за децениски проблем, а ова не е прв пат да се организираат протести пред училиштето. Учениците кои учат на албански јазик во ова училиште наставата ја следат само до 5то одделение, а потоа ја продолжуваат во училиште во селото Огњанци до каде имаат организиран превоз.

На почетокот на септември и родителите на децата кои следат настава на албански јазик излегоа на протест пред ООУ Њехош. Побараа и од градоначалникот и од министерот за образование да отвори паралелка од 6то до 9то одделение на албански, бидејќи нивните деца секој ден патуваат по 13-14км до училиштето во Огњанци.

Министерот за образование, Јетон Шаќири утре ќе се сретне со родителите од двете страни за да најдат решение. Ќе бара и од градоначалникот на Гази Баба, итно проширување на училиштето, доколку тоа го овозможува просторот.

13 ученици следат настава по албански јазик во ООУ Његош до 5то одделение, а од 6то до 9то учат во училиштето во соседното село Огњанци.