Бизнис
14. August 2018 - 16:28

Протест на производителите на сливи во Делчево

По Радовишките, денес и Делчевчските сливари на мирен протест поради немањето откуп на сината слива. Тие не се согласуваат со предлогот на министерството за земјоделие свежата сина слива да се откупува по 8 денари за килограм и 5 денари за килограм индустриски сливи.

- Берачите на сливи бараат по 3-4 денари за набран килограм, а овде се и трошоците за транспорт и други работи, што едноставно нема сметка да се бере сливата од нивите

- Финансиите кои се инвестирани во производството не може да си ги вратиме, а камоли нешто да се заработи.

- 300 тони да произведеш, треба и работи и финансии.

Овоштарите бараат барем по дополнителни 2 денари за килограм за свежата и индустриската слива, како минимална цена, која би била доволна барем да не се во загуба. Трговците не се заинтересирани за откуп, затоа што годинава нема извоз.

- Со откупувачите контактираме и ни велат дека нема извоз, не можат да ја извезат сливата и ни велат дека не можат ниту да ни ја купат.

Годинашнава реколта на сина слива од Пијанец, Малешевијата и Радовишко се проценува на околу 15 000 тони.

- Капацитетите во Македонија не можат да ги задоволат потребите за оваа количина на слива- додаде Десподов

Доколку во следните два дена Владата не преземе итни мерки, овоштарите се заканија дека ќе ги радикализираат протестите со блокирање на патиштата.