Свет
21. November 2019 - 20:09

Протест на полицајците во Португалија поради платите и условите за работа

Илјадници португалски полицајци кои не се на должност денеска протестираат во Лисабон изразувајќи незадоволство од платите и условите за работа.

Организаторите велат дека очекуваат повеќе од 10.000 полицајци од целата земја да се приклучат на демонстрациите.

Протестниот марш го надгледуваше полицијата, вклучително и специјалните единици за разбивање демонстрации. Властите поставија барикади пред Парламентот, каде треба да заврши маршот.

На претходниот протест дојде до тепачки меѓу полицајците демонстранти и нивните колеги во униформа.

Демонстрантите бараат зголемување на платата и истакнуваат дека почетната плата од 789 евра не е доволна.

Тие исто така бараат бонуси, надомест за ризик, предвремено пензионирање и поголеми инвестиции во полициска опрема.