Свет
3. December 2018 - 16:28

Протекоа последните пораки на убиениот новинар: „Саудискиот принц е ѕвер кој ќе изеде сѐ што ќе му се најде на патот“

Американски „СиЕнЕн“ ја објави содржината на приватните пораки кои што убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги преку “WhatsApp” ги разменувал со активистот од Монтреал, Омар Алзахрани.

Меѓу пораките кои што ги разменувале се наоѓаат и гласовни записи, фотографии и снимки, а од пораките сосема е јасно дека на Кашоги и тоа како му пречел подемот на саудискиот принц.

Убиениот новинар во неколку наврати го нарекува саудискиот престолонаследник Мохамад Бин Салман „ѕвер“ кој ќе ги изеде сите кои што ќе му се најдат на патот, па дури и неговите поддржувачи.

„Што повеќе жртви ќе изеде, така ќе стане и се понезаситен“, напишал Кашоги во порака испратена во мај оваа година.

„Не би ме зачудило неговата агресија да ги стигне и тие кои што навиваат за него“, пишува саудискиот новинар кој беше убиен во зградата на саудискиот конзулат во Истанбул.

Размената на пораките помеѓу Кашоги и Алзахрани открива дека двајцата планирале да стартуваат онлајн акција за собирање на млади кои што јавно ќе го изразат своето незадоволство против саудиските власти. Но, во август, кога се посомневал дека саудиските власти го следат и прислушкуваат, Кашоги се откажал до таа идеја.

„Нека ни помогне Бог“, напишал Кашоги во една од пораките, а само два месеци подоцна беше брутално убиен, а неговото тело беше исечено на парчиња и изнесено од зградата на саудискиот конзулат во Истанбул.

Кашоги и Алзахрани кој што исто така бил остар критичар на саудискиот принц во периодот од октомври 2017-та година до август 2018-та година размениле преку 400 пораки на “WhatsApp”. Токму Алзахрани во август го предупредил Кашоги дека можно е саудиските власти да ги следат нивните комуникации.

Да потсетиме, саудискиот новинар Џамал Кашоги беше убиен на 2-ри октомври во зградата на саудискиот конзулат во Истанбул. Тој влегол во зградата да ги добие потребните документи за венчавка, меѓутоа, како што тврдат турските власти, 15-те оперативци кои што биле испратени од саудискиот државен врв брутално го ликвидираа и се обидоа да го сокријат убиството.