Балкан
15. October 2015 - 13:11

Просторот пред косовскиот Парламент под контрола на хеликоптери на КФОР

Седницата на косовскиот Парламент денеска воопшто не започна поради фрлање на солзавец, по што сите пратеници излегоа надвор, а пред зградата се собрани група активисти на опозицијата, додека хеликоптери на КФОР го надлетуваат Плоштадот Ибрахим Ругова.

Припадниците на опозицијата засега се мирни и не преземаат ништо, јави Танјуг. 

Претседателот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај во холот на Собранието изјави дека не знае што понатаму може да се случи во врска со настанатата ситуација. 

Харадинај истакна дека опозоцијата ќе ги продолжи своите акции против Владата.

Трите партии на опозицијата Алијансата за иднината на Косово на Харадинај, Иницијативата за Косово на Фатмир Љимај и движењето Самоопределување, чиј основач на Аљбин Курти најавија дека ќе продолжат да го попречуваат работењето на Владата и Парламентот се додека премиерот Иса Мустафа не го повлече потписот од бриселската спогодба и не поднесе оставка.

Во тек се консултации на претседателот на Параламентот Кадри Весељи со шефовите на парламентарните групи, на кои не се одзваа претставниците на опозицијата. 

Косовските медиуми тврдат дека солзавецот го фрлил пратеникот на радикалното опозициско движење Самоопределувае, Фатон Топали. 

Солзавец минатиот четврток во Парламентот за време на седница фрли основачот на Самоопределување, Аљбин Курти. Оваа партија е најжесток противник на бриселската спогодба, формирањето на Заедницата на српските општини, како и на спогодбата за демаркација со Црна Гора.

Тензиите во Приштина растат, особено по приведувањето на Курти во понеделникот вечерта и демонстрациите на неговите приврзаници кога беа повредени 15 лица, од кои 14 припадници на полицијата.