Македонија
28. March 2021 - 8:09

Прославена првата годишнина од членството во Алијансата

– По повод првата годишнина од членството на Македонија во НАТО вечер ќе биде отворен НАТО Паркот пред Министерството за одбрана во Скопје, како знак на успешната мисија на Канцеларијата за врски на НАТО во земјава.

Настанот, во организација на Министерството за одбрана и Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, ќе биде проследен со изложба на фотографии, преку која ќе биде прикажано основањето и работата на Канцеларијата за врски на Алијансата во Скопје.

Македонија вчера ја одбележа годишнината од официјализирањето на членството во најголемиот воено-политички сојуз, со што ја реализираше стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година. Парламентот во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, а Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година.

Во касарната „Илинден“ во Скопје вчера се одржа централната свеченост по повод една година членство во НАТО. На свеченоста се обратија претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк.

-Пред точно една година станавме полноправна членка на Севернолантската алијанса. Патот до членството беше долг и тежок, чекавме 20 години најмногу од сите кандидати во историјата на организацијата, но и покрај сите одлагања не се откажавме затоа што тоа беше и останува наша клучна стратешка цел од независноста до денес, изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на централната свеченост.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека членството во НАТО беше наша битка и ние оваа битка ја добивме со жртви, со ризици и со многу работа, но ја добивме. -Членството на Република Македонија во најмоќниот воено политички сојуз е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава, достигнување кое значи препознатливост во светот, стабилност и  безбедност. Безбедност која нуди шанса за просперитет,која значи посакуваност на инвестициската авторитет и меѓуанроден углед, истакна Шекеринска.

Адмиралот Роберт Бурк на свеченоста за одбележување на првата годишнина од членството во НАТО во скопската касарна „Илинден“ рече дека земјава покажа храброст, одлучност и упорност. -Горд сум што сум во истиот тим со Вас и целата Алијанса е посилна со вашето членство, сите сме посилни заедно, порача командантот Бурк.

Премиерот Зоран Заев потенцираше дека членството во НАТО е најсилна гаранција за заштита на нашиот територијален интегритет и на суверенитет. -Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Македонија во НАТО – тогаш тој збор е успеавме. Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност, рече Заев.

Дел од свеченоста беа неколку показни вежби и активности на Армијата, вклучувајќи прелет на грчки воздухоплови во рамки на мисијата „Air Policing“, заедно со хеликоптери на македонското воено воздухопловство, точката Егзерцир на армиската Гарда, постројување и марш на ешалони од единиците кои учествувале во мисиите предводени од НАТО меѓу кои се и припадниците на Лесниот пешадиски баталјон, нашата НАТО – декларирана единица.

Со честитки за годишнината вчера и помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер. На 27 март 2020 година во Вашингтон  вршителот на должност амбасадор на земјава во САД,  Вилма Петковска токму на него му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.

-Заедно сме во НАТО. Едно семејство, иста иднина. Да се стане дел од оваа Алијанса, Севрерна Македонија ја сигнализираше својата посветеност да придонесува кон глобаната безбедност и демонстрираше ефикасност на политиката на отворени врати на НАТО. Сега, кога Македонија има место на масата како членка на најмоќната светска воена Алијанса ние очекуваме дека тоа ќе го искористите за да придонесете кон овој сојуз. Ова вчера преку видео порака го порача Рикер, честитајќи ја првата годишнина од членството во НАТО на Македонија.

- Македонија ја прави Алијансата посилна, а САД се гордеат што ве имаат за сојузник. Со нетрпение очекувам уште многу години соработка и успех меѓу Македонија, САД и НАТО. Ова денеска преку видео-порака го изјави вршителот на должност потсекретарка за одбрана на САД за политика Аманда Дори, честитајќи ја првата годишнина од членството на земјава во НАТО.

Македонија во 1999 година стана кандидатка за членство, кое беше официјализирано лани на 27 март, а само три дена подоцна, на 30 март 2020 знамето на земјава беше кренато да се вее пред седиштето на НАТО во Брисел со знамињата на останатите држави членки.