Македонија
15. July 2016 - 14:48

Проштална средба на претседателот Иванов со италијанскиот амбасадор Белели

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Вила „Билјана“ во Охрид, во проштална средба го прими амбасадорот на Италијанската Република во Република Македонија, Ернесто Масимино Белели.

Македонскиот претседател, како што соопшти неговиот Кабинет, се заблагодарил за севкупниот ангажман и придонес на амбасадорот Белели во насока на унапредување на билатералните односи меѓу двете земји и му посака успех во натамошната кариера. 

Двајцата соговорници изразиле задоволство од ‎одличните билатерални односи меѓу двете земји, и очекување дека и во наредниот период Република Македонија и Италијанската Република ќе ја развиваат соработката во сите области од заемен интерес.

- Следната година Република Македонија ќе биде домаќин на Брдо Бриони Процесот, додека пак Италијанската Република ќе биде домаќин на самитот на премиери на земјите членки на Брдо Бриони Процесот, како продолжение на Берлинскиот процес, што значи ќе биде неопходно да продолжи дијалогот и координацијата на сите нивоа со цел синергија меѓу двата настана, истакнал Иванов.

Македонскиот претседател изразил задоволство од реализираната официјална посета на Италијанската Република и очекување дека нагорниот тренд во политичкиот дијалог ќе се рефлектира и на економските односи меѓу двете држави, во насока на нивно продлабочување и унапредување.

Амбасадорот Белели се заблагодарил за севкупната соработка со македонските институции и истакнал дека Италијанската Република и во иднина ќе ги поддржува  интегративните процеси на Република Македонија во ЕУ и НАТО, и ќе работи во насока на натамошна промоција и продлабочување на економските и културните врски меѓу двете земји.

На средбата двајцата соговорници размениле мислења и за актуелните случувања во регионот и Европа, безбедносните предизвици, мигрантската криза и предизвиците на Европската унија.