Македонија
22. July 2019 - 17:13

Проштална средба на Димитров со амбасадорката на НР Кина, Јин Лисјен

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска имаше проштална средба со амбасадорката на Народна Република Кина во нашата држава Јин Лисјен.

Министерот Димитров, како што информира МНР, се заблагодари за придонесот на амбасадорката Јин во градењето на македонско-кинеското пријателство. Изразувајќи задоволство од нејзиниот плоден ангажман во нашата држава, министерот Димитров ѝ врачи благодарница за нејзината посветеност и напори вложени во промовирањето на пријателството и блиската соработка меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина.

– Вашиот искрен, добронамерен и професионален пристап во работата придонесе, меѓу другото, и за интензивирање на размената на посети на високо ниво, истакнал министерот Димитров.

Тој изразил задоволство што токму за време на нејзиниот мандат во нашата земја беа одбележани 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Димитров нагласил дека пред двете земји е отворено широко поле на можности за соработка и изрази уверување дека нејзиниот наследник ќе продолжи со истата динамика да го негува овој нагорен тренд.

Амбасадорката Јин на средбата истакнала дека е голем пријател на Република Северна Македонија и го поздравила позитивниот развој во билатералната соработка. Лисјен, како што се наведува во соопштението, изрази задоволство што средбите на високо ниво во изминатите години бележат успешна динамика, билатералната соработка е продлабочена во повеќе области, пред сè економската и културната, а во позитивна насока и натаму се движи меѓусебната соработка во мултилатералната сфера.

На средбата Димитров и Јин го реафирмирале интересот за натамошно унапредување на соработка со НР Кина во повеќе сфери од заемен интерес, а особено во рамки на Процесот за соработка „17+1“.