Македонија
6. July 2021 - 16:43

Проширувањето високо на агендата на словенечкото претседателство, октомври е во игра

Проширувањето и соработката со Западен Балкан ќе бидат приоритети на агендата на словенечкото претседателство со ЕУ во следните шест месеци, вети премиерот Јанша пред европратениците. Тој  се заложи за реална и опиплива  европска перспектива за граѓаните во регионот која ќе биде потврдена на самитот ЕУ Западен Балкан кој во октомври ќе се организира во Словенија. Во спротивно, вели Јанша, Унијата ризикува да изгуби на стратешки план.

 И претседателката на ЕК Фон дер Лајен смета дека Унијата мора да покаже дека е сериозен играч во регионот така што ќе ги започне преговорите со Македонија и Албанија.

- Се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Северна Македонија и Албанија, ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување, рече фон дер Лајен.

Во дебатата која уследи бугарскиот европратеник Џамбаски побара од европските колеги да престанат да вршат притисок врз Бугарија бидејќи Македонија не ги заслужува преговорите.

За грчкиот европарламентарец Меимаракис вратите треба да останат отворени за земјите од регионот се додека ги почитуваат обврските на доброседството.

Потпрестедателот на ЕК лично му се обрати на Јанша со барање Унијата да ја исправи неправдата кон Македонија и Албанија.

На агендатата на словенечкото претседавање со ЕУ освен проширувањето е и справувањето со последиците на пандемијата, дигитализацијата, владеење на правото во Унијата.