Бизнис
25. March 2019 - 20:21

Просечната цена на метар квадратен станбен простор во земјава изнесува 700 евра

Гарсоњера во општина Центар чини колку просечен стан од 60 квадрати во општина Гази Баба. Просечната цена за метар квадратен во главниот град изнесува 760 евра, во Охрид 653 евра, во Штип чини 520  евра, а во Кочани 430 евра.

Според Народна банка, становите во последниот квартал лани биле поевтини за 4,9%, во однос на истиот период пртходната година.

Сепак, лани се продавале поскапо споредено со претходната година. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека цената за метар квадратен во Скопје била повисока за 7%, што е за околу 50 евра повеќе, а во останатите населени места се покачила за 3,6%, односно за 20 евра.

Градежниците алармираат дека становите допрва ќе поскапуваат бидејќи им се зголемиле трошоците, како за материјали, така и за вработени.

“Ако го споредиме сегашниот период во однос на лани, може да зборувамеза поскапување на сите градежни материјали меѓу 10% и 15%. Зголемувањето на трошоците е резултат на порастот на цената на енергенсите, транспортот, прво за материјалите што се увезуваат, како и за материјалите кои што се од домашно производство. Она што може да очекуваме во следниот период е дека нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени, бидејќи растот на трошоците го диктира и растот на цената на квалитетните станови”, вели Ивица Јаќимовски, претседател на градежна комора при Сојузот на стопански комори.

Катастарските податоци покажуваат дека минатата година останале 5.254 непродадени новоизградени станови.