Македонија
17. February 2016 - 15:46

Промовирано новото издание на Правописот на македонскиот јазик

Новото издание на Правописот на македонскиот јазик денеска беше промовирано во НУБ „Свети Климент Охридски“. Во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во проектот беа вклучени 48 соработници, пред се универзитетски професори од Институтот за македонски јазик, од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од МАНУ и од други сродни институции. 

На промоцијата се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска и промоторите академик Витомир Митевски и проф. д-р Славица Велева.

- Новото издание на Правописот на македонскиот јазик е запис за македонскиот збор, кодекс за неговата практична примена како жива јазична форма, насока, како пишаното да се изговори и изговореното да се напише. Правописот е потврда за писмената традиција на македонската почва почната во скрипторските центри на Охридската и злетовско-кратовската школа која има континуитет низ вековите за да си најде конечна форма со донесувањето на Првиот правопис на македонски јазик во 1945 година, рече Канческа-Милевска.

Денешниот настан, како што рече, има исклучително значење бидејќи со него ние ја одбележуваме и 70-годишнината од издавањето на првиот Македонски правопис кој досега, под товарот на секојдневните промени што се случуваат во севкупното човеково живеење, имаше неколку дополнувања, во 1950, 1970 и 1998 година.

Министерката за култура го истакна значењето на, како што рече, многу важниот документ кој се донесе со поддршка на Владата и Собранието на Република Македонија, Националната Стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017. Во Стратегијата е детектирана потребата од ново дополнување на Правописот. 

- Новото издание на Правописот не ги менува постојните правописни правила, правописната традиција воспоставена од првите составувачи на Македонскиот правопис, големите филолози Блаже Конески и Крум Тошев и нивните следбеници, но преку него македонските лингвисти соодветно одговараат на потребите на својот народ и на сите оние кои што се служат со македонскиот јазик, создавајќи едно современо полезно помагало кое може да користи во градењето на културата на писмената комуникација, потенцира Канческа-Милевска.

Директорката Јованова-Грујовска информира дека се работи за проширен, дополнет и осовременет Правопис, што се работел повеќе од две години, како проект на Институтот за македонски јазик, а целосно финансиран од Министерството за култура и поддржан од Министерството за образование и наука.

- Правописот претставува потсетник и учител за сите што сакаат да се служат со стандардниот македонски јазик, рече Јованова-Грујовска. 

Академикот Митевски потенцира дека новиот Правопис е книга за на маса, наменет за професионалците, за лекторите, туку и за секој човек. 

- Писмениот човек, особено оној кој пишува и твори на македонски јазик, во овој Правопис ќе си најде верен сопатник и помошник во секојдневаната работа, често исправен пред дилеми. Од типот дали едно нешто да го напише како што свикнал со години или можеби греши, бидејќи нештата во меѓувреме се промениле, рече Митевски.

Со овој Правопис, како што рече, нашите лектори добија ново, моќно и модерно оружје со кое ќе ги бранат стандардите на македонскиот јазик, правопис и правоговор.

Според професорката Велева, овој Правопис ги научил дека како македонисти може да се работат проекти со 48 автори, специјалисти од својата област. 

- Овој Правопис треба да се отвори и да се види што суштински е подновувањето. Се она што ни беше дилема, проблем и како македонисти не можевме да го решиме, овде авторите и редакцијата се обидува да го разреши, дава предлог. Мора да сфатиме дека и Правописот и Толковниот речник и сите овие капитални изданија во суштина се само една отворена книга. Обврската на македонистите е јазикот да не го конзервираме затоа што на тој начин ниту ги следиме стапките на Крсте Мисирков, ниту на Блаже Конески, потенцира Велева. Додаде дека за современ јазик треба да се слуша духот на народот кој го говори.

На промоцијата присустваа архиепискот охридски и македонски г.г. Стефан, проректорот за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Влатко Стоилов, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик-минстерот за образование и наука Спиро Ристовски, академици, професори, студенти...

Правописот на македонскиот јазик може да се набави во Институтот за македонски јазик, а ќе го има и на претстојниот Саем на книгата.