Македонија
18. October 2016 - 12:48

Промовирани осум проекти од ИПА програмата за градење култура на соживот

Промовирање дискусија, градење и подигнување на свеста за добрата пракса во поттикнувањето на соработката помеѓу заедниците имаат за цел осум проекти финансирани со околу 1,8 милиони евра од ИПА програмата за поддршка на граѓанското општество за периодот 2016-2019 година.

Проектите беа промовирани на денешната конференција за градење култура на соживот „Сорабока помеѓу граѓанските организации и локалната самоуправа како фактор за развој на меѓуетничкиот дијалог“.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар на отворањето рече дека меѓукултурниот дијалог почива во срцето на делотворната соработка со повеќето заедници, за слушање на гледиштето и разбирање на позицијата на другите и изнаоѓање заедничка основа на разбирање.

- Ваквиот дијалог е клучен за секое мултиетничко и мултикултурно општество. Политичките лидери и лидерите на заедниците имаат витална улога во насочувањето, поттикнувањето и градењето на ваквата доверба меѓу и ширум заедниците. За тоа е неопходно локалните власти да работат со граѓанското општество и да осмислуваат пракси кои делотворно ќе се спроведат на терен, рече Жбогар.

Посочи дека во извештајот на ЕК се истакнува потребата од градење доверба меѓу заедниците и воведување мерки за инклузија и меѓуетничка соработка, како и дека ЕУ дава финансиска поддршка од 1,8 милиони евра за работата на граѓанските организации за овие прашања.

Директорката на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Весна Бабиќ Петровски рече дека остварувањето на правата на заедниците директно е пропорционално со нивната бројност на локално ниво и често е пречка за практична реализација.

- Тоа се манифестира преку недоволен број ученици за формирање паралелки во едно училиште, неможност за употреба на јазикот бидејќи се помалку од 20 проценти во една општина, додека почитувањето на принципот на соодветна и правична застапеност често е недостапна за оние најмалку застапени заедници, рече Бабиќ Петровски.

Посочи дека проектите од ИПА програмата за граѓанско општество и медиуми за 2014 година имаат големо значење не само за заедниците и целокупниот невладин сектор, туку и за самите општини, како голема поддршка за унапредување на демократските процеси и креирање идни политики на локално ниво со кои ќе се гарантираат добри меѓуетнички односи кои се основен предуслов за мир во една држава. 

Проект координаторот на фондацијата Претприемачки сервис за млади Александар Филиповски рече дека проектите се избрани за финансирање во рамки на третиот приоритетот на ИПА програмата за граѓанско општество и медиуми за 2014 година насочен за имплементација на Охридскиот рамковен договор и подобрување на односите меѓу заедниците.

- Вкупната вредност на избраните проекти за финансирање изнесува 1.990.067 евра. Во имплементацијата се вклучени 20 граѓански организации и ќе бидат опфатени 28 општини во периодот од јануари 2016 до јануари 2019 година, рече Филиповски.

Посочи дека главни активности на проектите се промоција на мултиетничко претприемништво, подобрување на меѓуетничките односи преку зајакнување на учеството и лидерството на жените и младите во меѓуетничките процеси и процесите за конфликтно помирување, како и промоција на Охридскиот рамковен договор.

Станува збор за проектите „Заедно за успех: Млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“, „Зајакнување на соработката и дијалогот меѓу заедниците преку ОРД“, „Здружени сили за заеднички интереси“, „Подобрување на учеството на малите заедници на локално ниво“, „Декада на припадност-славење на различноста“, „Различноста е во мода-промоција на мултикултурализмот на локално ниво“, „Мрежа на ромски невладини организации-одговор на ромската заедница“ и „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата“.