Македонија
21. February 2019 - 13:26

Промовирани дигитални алатки за резервација на туристички водич и за Националниот парк „Маврово“

Дигитални алатки во угостителството и туризмот, за резеревација на туристички водич, како и мобилна апликација за Националниот парк „Маврово“ беа промовирани денеска во Скопје по повод Светскиот ден на туристички водичи. Проектот е втора фаза од веб платформата и е финансиран од Швајцарската Амбасада во земјава. Првата фаза, лани, била изградба на современ регистар за туристички водичи.

– Првата алатка е онлајн платформа за резервирање туристички водич. Сите сме свесни дека туристичкиот водич е многу важна компонента во целиот процес, тој всушност е очите на туристот, појасни Стефан Томажан, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на Швајцарија.

За втората алатка, апликација за Маврово како туристичка дестинација, посочи дека во себе интегрира многу информации за тоа кои локалитети и места треба да се посетат во овој регион и кои активности можат да се преземат. Содржи и дигитални мапи од целиот регион.

Крајната цел, како што наведе Томажан, е да се подобри туристичката понуда и да се овозможи отворање нови работни места.

– Секој туристички водич може да аплицира на платформата свои тури што ги води, немешајќи се во работата на туристичките агенции. Која било странска или домашна агенција, кога пребарува хотели или превоз, нормално е заинтересирана и за туристичките водичи. Овде многу лесно, на платформата може да се пронајде профил на водич што е соодветен на нивната група, по говорно подрачје, регион или специјализација зашто таму се претставени археолошки, планински, цркови тури или културно наследство, изјави Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи и придружници.