Македонија
22. October 2016 - 11:53

Промовирана првата монографија за пехчевското село Панчарево

Во Домот на културата во Пехчево синоќа беше промовирана првата монографија за пехчевското село Панчарево од историчарот во пензија, по потеко од Панчарево, Спиридон Митевски, која е и прва издадена книга од авторот.

Монографијата на 215 страници дава нова светлина на историјатот на селото и областа Пијанец, а авторот Митевски, воден од љубопитноста и следејќи ги трагите на минатото во селото, многубројните легенди кои се пренесувале меѓу жителите од колено на колено, се решил да ја изнесе на виделина првата историска монографија за неговото родно место.

- На книгата интензивно работев последниве четири години по моето пензионирање. Инаку, за ваква историска монографија мора да се консултира литература, документите треба да ги барате, да имате време, да имате средства за да истражувате. Многу работи најдов во литературата, во писмата зачувани од Гоце Делчев, некои документи ми ги пратија од софискиот архив. Но, не сметам дека е се истражено и дека јас сум дошол до сите документи, напротив ова треба да претставува основа за понатамошно истражување, рече Митевски.

Според него, населба каде се наоѓа селото денес, постоела уште од праисторијата, од третиот милениум пред нашата ера. - Од тогаш континуирано се живее во селото. Најстарото име е Панцарево, а во турскиот период Панчар или Панчарево, под ова имесе споменува од 1825, а како Панцарево од крајот на 13 век, рече Митевски.

За промоторот на книгата Јован Манчевски, педијатар кој живее и работи во Виница, а е по потекло од Панчарево, оваа книга е своевидна библија за селото и неговите потомци.

- Ова е радост за нас паначарвеци, ова за нас е библија за едно село која може да се надополнува, но ова е основа на тоа што ќе се надоградува и ќе го има како спомен на една генерација која е прва генерација која излегла од Панчарево како интелектуалци, рече Манчевски.

Промоцијата на книгата ги донесе и одамна иселените панчаревци во Пехчево кои дојдоа од Штип, Виница, Скопје, Делчево. Од ова село по потекло се многу видни граѓани на Македонија, како генерали, познати глумци, доктори на наука. Денес селото ја живее судбината на македонските села, ако во 1961 година овде живееле 993 жители, денес има едвај 350 и тоа претежно старци.