Македонија
3. јуни 2016 - 14:50

Промовирана монографија за пајонската престолнина Билазора

Научните резултати од археолошките истражувања на раноантичкиот град Билазора во овчеполскиот локалитет Градиште – Кнежје се публикувани во книгата „Античка Билазора – престолнина на независните Пајонци“. Беше промовирана денеска на Меѓународниот славјански унверзитет во Свети Николе кој е издавач заедно со Народниот музеј од Свети Николе.

Автор на книгата, објавена на македонски и руски и на македонски и англиски јазик, е проф. д-р Драги Митревски. Тој ја предводи истражувачката екипа која во изминатите осум години интензивно работеше на локалитетот на кој од 7 до 2 век п.н.е постоел античкиот Билазора - најголем град во Пајонија кој бил и нејзина престолнина во 5 и 4 век п.н.е. Во истражувањата на локалитетот учествуваа и студенти од Државниот универзитет Тамбов во Русија.

- Оваа монографија на нашиот ценет проф. д-р Драги Митревски несомнено го промовира богатството и слоевитото културно наследство на овој регион и на Република Македонија воопшто, но публикацијата јасно ги афирмира и нашите заложби за ревитализација на културното богатство кое го поседуваме и откривање на нови наоди, на нови културни добра кои се одраз на историското траење на овие простори, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата на книгата.

Авторот Митревски рече дека целта на изданието е секој да знае барем основни работи за градот Билазора кој, како што рече, имал репрезентативна архитектура и техника на градење и  украсување какви што нема ни денес. Покрај за промоција на општината, книгата ќе биде корисна за археолозите кои, рече тој, нема да чекаат 10-20 години за пубикација од истражувањето, а со неа ќе се избегнат шпекулации и неточни информации за овој локалитет, како на пример неговото погрешно поврзување со Велес.

- Книгата не е најважната работа, туку најзначајно е тоа што се отвора нов пристап во однос кон културното наследство, нов начин на соработка на повеќе институции и тоа што сите ќе имаат бенефит. Порано археологијата и културното наследство се доживуваа како потрошувач кој троши, а не носи пари. Целта на оваа книга е да го каже спротивното, рече Митревски.

Се очекува по целосното истражување локалитетот да стане туристичка атракција за домашни и странски посетители. За таа цел Општина Свети Николе направи асфалтиран пат до локалитетот, информираше градоначалникот Зоран Тасев. Јордан Ѓорчев од Славјанскиот универзитет додаде дека откривањето на локалитетот за јавноста ќе донесе многу луѓе како што Билазора, рече тој, била топ-дестинација во антиката.

На промоцијата се обрати и аташето за култура во Руската амбасада Михаил Лушин кој подвлече дека учеството на руски студенти во истражувањата уште повеќе ја продлабочува соработката меѓу двете, како што рече, братски и духовно блиски земји. Посочи и на тековите „Денови на духовната култура“ кои во Македонија ги организира Амбасадата на Русија, нагласувајќи ја и несебичната помош од Министерството за култура на РМ во нивото органзирање.

На локалитетот Билазора континуирано во фази постоеле четири града еден врз друг, а како престолнина на независните Пајонци опстојувала во 5 и 4 век п.н.е., како и во 3 век п.н.е но тогаш веќе била урната владетелската палата. Од 5 до 3 век п.н.е. била независна пајонска држава со своја династија и владетели што ковале свои монети, имале своја политика и ритуално се крунисувале во водите на Брегалница.

Локалитетот е истражен околу 60 отсто и досега се откриени остатоци од пет градби со богата фрескодекорација - владетелската палата, култен базен што служел за водоснабдување, фортификациски систем околу акрополата и објект од јавен карактер кој бил стоа, храм или имал друга намена и кој засега е најзагадочен. Отккриени се и питоси во кои се складирало жито.

Сите пронајдоци се ислустрирани во монографијата, заедно со фазите на истражување и откривање. Најдени се над илјада артефакти, луксузни керамички садови и накит, парчиња алат, монети кои се презентирани во Народниот музеј во Свети Николе.

Покрај книгата, денеска беше промовирана и веб-страница bilazora.mk со сите информации поврзани со овој локалитет.