Македонија
16. јуни 2016 - 15:49

Промовирана книгата „Најновата македонска драма“ во Прилеп

Во рамки на претпоследниот ден на 51. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој се одржува во Прилеп, денеска беше промовирана книгата „Најновата македонска драма“. Делото е во издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, а како приредувач е театрологот Јелена Лужина.

Театрологот Ана Стојаноска нагласи дека во книгата се поместени шест драмски текстови на исто толку автори, кои на конкурсите за откуп на драмски текстови, распишани во 2015 и 2016 година Министерството за култура ги избра за да се објават.

Во книгата се драмските текстови: „Госпоѓиците од Авињон“ на Сашо Димоски, „Лична Ангелина (Чувари на честа)“ од Загорка Поп-Антоска Андовска, „Најденко во магичниот круг“ од Татијана Гоговска, од конкурсот за 2016. Делови од овие драми читаа актерите од Прилепскиот народен театар. Од конкурсот за 2015 година на Министерството за култура во книгата се драмските текстови: „Бегство“ од Рефет Абази, „Хенгинг араунд“ од Љупчо Јованов и „Шест дена работи, седмиот одморај“ од Весна Куслеска.

Според театрологот и приредувач на книгата, Јелена Лужина македонските театри треба многу повеќе да поставуваат на сцената текстови на домашни автори.

- Од конкурсите на МНТ и на Министерството за култура последниве пет години, 11 текстови на домашни драмски автори се откупени или наградени, а само четири се изведени на сцените во Скопје и во Велес, рече Лужина.

На репертоарот на фестивалот вечер се последните две претстави од 12-те во официјалната конкуренција за награди. Од 19 часот на сцената на Прилепскиот народен театар, ансамблот на Народниот театар од Охрид ќе ја изведе претставата „Парламентарки“ според Аристофан, а во режија на Ненад Витанов. Од 21 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е последната претстава во официјалната конкуренција. Тоа е претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман, во режија на Александар Морфов, а во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје.

Фестивалското жири во состав: Васе Манчев, писател, Јани Бојаџи режисер и актерот Владо Јовановски утре ќе ги соопшти своите одлуки за најдобрите остварувања на 51. МТФ „Војдан Чернодрински“. Утревечер и официјално ќе заврши годинашниов фестивал. На сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе бидат доделени наградите, а во чест на наградените, Македонската опера и балет ќе ја изведе операта „Кармина Бурана“.