Македонија
30. May 2016 - 12:14

Промовиран водич со терминологија за родово базирано насилство

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство - Глас против насилство денеска претстави „Водич во терминологијата за родово базирано насилство за новинари и медиумски работници“.

Водичот содржи терминологија за родово базирано насилство и насоки за унапредување на техниките за известување на медиумите за различни теми на семејно насилство. Опфаќа 88 зборови и термини и содржи насоки за тоа како преку известувањето да се бара одговорност и повик за делување на одговорните институции, како и за тоа да се внимава да не се дозволи понатамошна виктимизација на жените жртви. 

Наташа Доковска од Здружение на новинари за човекови права, рече дека водичот претставува добро четиво за сите што сакаат да го третираат семејното насилство, но и за активистите во невладините организации кои се среќаваат со оваа проблематика. 

- Овој речник е потребен бидејќи имаме епидемија на семејно насилство, а немаме доволно познавање на проблематиката на семејното насилство. Во електронските медиуми во 60 проценти од програмата има насилство, а во помалку од 5 отсто се третираат теми за како тоа да се реши. Затоа е потребно користење на соодветен родово базиран речник, да се избегнува осудувачки јазик и да се внимава на секундарна виктимизација на жртвите, рече Доковска.

Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство рече, дека целта на проектот е унапредување на соработката на граѓанските асоцијации и медиумите во насока на подигнување на свеста кај пошироката јавност за постоењето различни форми на насилство врз жените, како и заеднички настап во процесот на застапување за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство.

Според Димушевска, главна слабост во известувањето на медиумите е правењето сензационалистички настан и третирање на истиот како дневен настан, додека самиот текст не содржи што понатаму треба да се случи и за реакциите од одговорните институции. 

Водичот е дел од проектот „Насилството врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жените“ и е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка за поддршка на граѓанското општество во Македонија.