Македонија
17. November 2015 - 13:27

Промовиран видеоспотот „За нација без дискриминација“

Комисијата за заштита од дискриминација, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражувањеХЕРА и коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, денеска го промовираа видеоспотот „За нација без дискриминација“ и Протоколот за утврдување на постапката во случаи на заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. 

Кампањата, според претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација Душко Миновски, е од особено значење како за работата на Комисијата, така и за лицата со различна сексуална ориентација. Намерата е да се охрабрат лицата да поднесуваат претставки за дискриминација и заеднички да се работи на елиминирање на стигмата и дискриминацијата кон ЛГБТ-лицата.

Миновски кажа дека во Македонија се уште има случаи на дискриминација по сексуален основ, и како еден пример посочи на дете во прилепско кое семејството не му дозволува да живее со нив во семејната куќа туку го сместило во плевна. Информациите стасале до нив во контакти со претставници на НВО.  

Во текот на 2015 година поднесена е една претставка до Комисијата за дискриминација по основ на сексуална ориентација и родова припадност и тоа за учебник што се користи во високото образование „Психологија на личноста“, но по неа како што информираше комесарката Ленче Коцевска, се уште не е расправано.

- Врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во периодот од јануари 2011 до декември 2014 до Комисијата пристигнаа вкупно 18 претставки. Повеќето претставки беа поднесени од правни лица, односно здруженија на граѓани. Утврдени се дискриминација и вознемирување во 4 случаи, во 9 случаи не е утврдена дискриминација, а во 3 случаи не се поведе постапка согласно со ЗСЗД, рече Коцевска.  

Од јануари 2011 година до крајот на септември 2015 година до Комисијата за заштита од дискриминција се поднесени 395 претставки. 

Бројот на претставките секоја година се зголемува, што според претставниците на Комисијата значи дека свеста кај граѓаните е зголемена но и резултатот на нивната работа. 

Комисијата го дополни формуларот за поднесување претставка вклучувајќи ја и сексуалната ориентација како основа за дискриминација. Од оваа година Комисијата на својата веб-страница воспостави онлајн-образец за поднесување претставки за дискриминација и ги охрабрува сите граѓани да пријавуваат дискриминација врз основа на сексуалната ориентација 24/7, во што ќе им помогне и Протоколот како постапка за во случаи на дискриминација.

Онлајн-образец за поднесување претставки: http://www.kzd.mk/mk/kontakt/online-prijava

Протоколот за утврдување на постапката за во случаи на заштита од дискриминација во електронска форма ќе го најдете на следниот линк: http://www.kzd.mk/mk/dokumenti 

Ова е ТВ-спотот ,,За нација без дискриминација“

Видеоспотот и Протоколот се подготвени во рамки на проектот „Зајакнување на владеењето на правото за заедницата на ЛГБТ-граѓаните“.