Македонија
25. January 2016 - 15:22

Промовиран твининг проект за ефикасно управување со јавните финансии

Одржливост на јавните финансии и нивно поефикасно управување е целта на твининг проектот насловен „Зајакнување на среднорочното буџетирање за ефикасно управување со јавните финансии“ кој денеска беше промовиран во Скопје.

Проектот во вредност од 1,1 милиони евра е финансиран од Европската Унија, преку Националната ИПА Програма ТАИБ 2011. Корисник е Министерството за финансии, а ќе се имплементира од ХАУС - Финскиот институт за јавен менаџмент во перидот од 1 декември 2015 до 20 ноември 2017 година.

Претставникот од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Лукас Холуп истакна дека ЕУ посветува голема вжност на реформите на јавните финансии, како клучен чекор во претпристапниот процес и е подготвена да ја поддржи зермјата во нивното спроведување.

- Ефикасните и транспарентни јавни финансии можат да се сметат за основа на добро управување со јавните средства. Таквиот систем ја подобрува отчетноста и ги намалува ризиците од измама и од корупција. Проектот треба да поттикне една промена во буџетскиот процес од буџет заснован на импути кон буџет насочен кон резултатите. Предизвици кои стојат пред нас се обезбедување континуирана политичка поддршка на буџетските реформи за да се забрза овој процес и подобрување на фискалната одговорност и капацитет на сите буџетски корисници, рече Холуп.

Според него, фискалната дисциплина, ефикасноста и транспарентноста треба да се постигнат преку спроведување на кредибилна фискална стратегија, која ќе биде насочена кон намалување на ригидноста на буџетите и зголемување на ефикасноста на јавното трошење.

- Реформите на јавните финансии бараат визија, ресурси и политички елан, а тековната финансиска ситуација и фискалните тешкотии претставуваат дополнителни предизвици, рече Холуп

Државниот секретар во Министерството за финансии Игор Димитров истакна дека подобрувањето на управувањето со јавните финансии и зајакнување на среднорочното буџетско планирање е еден од најголемите приоритети на Владата на РМ во процесот на пристапување кон ЕУ. Овој двегодишен проект, пак, со кој ќе продолжи континуираната соработка со ЕК, меѓу другото, треба да овозможи преминување од постојниот во нов начин на среднорочно буџетско планирање согласно препораките на ЕУ.

- Сакам да нагласм дека јавните финансии во изминатиот период во услови на бројни предизвици обзбедија навремена исплата на законски остварените права без да се загрози фискалната одржливост на земјата со едновремено реализирање на ефикасна и економична јавна потрошувачка, кои придонесоа за одржување на макроекономската стабилност и оставрување на позитивни стапки на економски раст. И во наредниот период фискалната политика ќе биде насочена кон задржување на макроекономската стабилност и поттикнување на економска активност преку капиталните расходи и инвестиции во инфаструктурата, како и подобрување на условите за водење бизнис и отварање на нови работни места. Истовремено, ќе се продолжи со определбата за спроведување на дисциплинирана буџетска потрошувачка со акцент на рестриктивност и контрола на помалку продуктивните трошоци за сметка на зголемување на инвестиционите вложувања во капитални проекти, рече Димитров.

Главна цел на твининг проектот ,,Зајакнување на среднорочното буџетирање за ефикасно управување со јавните финансии“ е да обезбеди одржливост на јавните финансии и нивно поефикасно управување. Активностите во рамки на овој проект ќе бидат насочени кон утврдување на програмска класификација на расходите, зајакнување на капацитетите за среднорочно планирање и известување согласно методолоијата ЕСА, а сè со цел унапредување на квалитетот на јавните расходи.

Проектот ќе го имплементира  ХАУС - Финскиот институт за јавен менаџмент, за која цел ќе бидат ангажирани експерти од Финска, Словенија, Австрија и Холандија кои ќе соработуваат со експерти од Министерство за финансии во бројни активности кои се планирани со временската рамка на проектот. Покрај Секторот за буџети и фондови, соработка ќе се оствари и со Секторот за трезор, Секторот за даночна и царинска политика, Секторот за макроекономија и Секторот за меѓународни финансиски односи и управување со јавен долг во Министерство за финансии, како и Управата за јавни приходи и Државниот завод за статистика.