Бизнис
17. October 2019 - 16:54

Промовиран регистар на население

Идниот попис кој анкетарите ќе го прават на мобилни уреди ќе се спроведува со помош на Централниот регистар на население. Регистарот ќе биде и помошна алатка при пречистување на Избирачкиот список.
Министерот Манчевски вели дека со него ќе се поедностават и забрзаат административните процедури. Податоците од Регистарот ќе ги користат институциите при давањето услуги. 
 
-При појавувањето на врата на анкетарот ќе ги повлекува основните податоци од Централниот регистар на население. Но, тоа се само нашите основни податоци, тука немаме голем број на податоци со кој се занимава пописот. Пример, немаме етничка припадност, но немаме информација за приходи и друг тип на статистички операции кои ќе се земат со пописот. Ова е само помошен механизам за Пописот да може да биде спроведен многу побрзо и многу подоверливо, вели Манчевски.
 
Манчевски вели дека размената на податоците меѓу институциите ќе се врши согласно Законот за заштита на лични податоци. За таа намена ќе се воведе Единствен електронски број, како замена за матичниот, бидејќи тој не смее да се разменува. При евентуални грешки во податоците, Министерството за администрација не ќе може да ги исправи.
 
-Овој број ќе биде клучен кога граѓанинот ќе побара електронска услуга од страна на институциите. Секој граѓанин има право да ги знае своите податоци кои се во Централниот регистар на население. МИОА воведува нова услуга со која секој граѓанин ќе може да провери кои податоци се запишани за него во регистарот. Доколку некоја информација е погрешна, граѓанинот ќе добие информација во која институција и како треба да се направи промената, вели Манчевски.
 
Манчевски тврди дека нема простор за злоупотреба на податоците од страна на институциите. Потенцира дека тие се заштитени и од надворешни напади и обиди за влез во системот. Според него, опремата, но и безбедносните системи се најсовремени.
 
Во следниот период ќе биде пуштен и Национален веб портал во функција на регистарот. Манчевски вели дека тој е готов, но потребен е тест период.
 
Според податоците на Регистарот, регистрирани се над 2 милиони и 600 илјади живи луѓе кои поседуваат македонско државјанство. Од нив над 2 милиони и 400 илјади престојуваат во Македонија, а тука влегуваат и околу 30.000 странци со регулиран престој. Над 175 илјади граѓани се пријавиле дека живеат во странство.
 
Меѓутоа, Манчевски вели овие бројки не се релевантни, а точните податоци треба да ги даде Пописот кој, според најавите на надлежните, ќе спроведе идната година.
 

ПОДАТОЦИ НА ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР НА НАСЕЛЕНИЕ

Регистрирани 2 867 862 луѓе

Живи 2 618 391 луѓе

Луѓе со престој во Македонија 2 422 484 луѓе

Пријавени државјани во странство 175 553 луѓе

Странци со регулиран престој 30 000 луѓе