Македонија
15. March 2016 - 15:37

Промовиран прирачник за новинарство од јавен интерес

Прирачник со општо прифатени стандарди и принципи за заштита и промовирање на јавниот интерес во новинарството, кој обезбедува совети за медиумските професионалци за справување со уредувачките предизвици за прашања од јавен интерес, за продуцирање содржини на највисоко етичко ниво и за исполнување на очекувањата на публиката во однос на јавниот интерес е промовиран денеска од Институтот за комуникациски студии. 

Сафер Тахири, еден од авторите, на денешната промоција истакна дека „Прирачникот за јавен интерес во новинарството“ е наменет за новинарите, за студентите по новинарство, уредниците и за останатите медиумски професионалци, без разлика дали доаѓаат од јавен или од комерцијален, од традиционален или од нов медиум, како и дека тој може да им користи и на граѓаните кои треба да знаат што да очекуваат од новинарите.

Тој нагласи дека Прирачникот е изработен по спроведено истражување и четири тематски средби со шеесетина новинари, уредници и сопственици на вкупно 40 медиуми со кои е разговарано за одредени прашања, анализа на кодекси на разни медиуми, како  и едномесечна странска стручна експертиза.

Според Весна Шопар нема едноставна и единствена дефиниција на тоа што е новинарство од јавен интерес, но тоа накратко може да се дефинира како она што е од интерес или од корист за најголемиот број граѓани во општеството.

- Улогата на медиумите не е да информираат за се она што некој проценил дека би требало да се информира, туку јавноста да ја информира за нешто што е од јавен интерес, за она што ги интересира и влијае на повеќето граѓани. Медиумот мора да се бави со сите важни прашања во општеството и да отвори простор за различни коментари и мислења, рече Шопар.

Според Зоран Димитровски, еден од авторите на прирачникот, информативното новинарство не може, а да не биде од јавен интерес, бидејќи во спротивно или е пропаганда или односи со јавност.

- Во современото новинарство во светот е воспоставен концептот на тест на јавен интерес, во кој треба секогаш да се поставуваат прашањата дали одредена тема е од јавен интерес и кои се новинарските принципи и стандарди од професионален аспект кои евентуално новинарот би можел да ги наруши повикувајќи се на заштита на јавниот интерес, нагласи Димитровски.

Во Прирачникот првпат се воведува концептот за Тест за јавен интерес во новинарството.

Автори на прирачникот се Весна Шопар, Сефер Тахири, Зоран Димитровски и Александра Теменугова. Уредници се Жанета Трајковска, директор на Институтот за комуникациски студии и Александра Теменугова.

Прирачникот е печатен на македонски и на албански јазик, а ќе биде достапен и на англиски јазик. Сите три јазични верзии ќе бидат достапни за електронско преземање. Тој е креиран во рамките на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија“ и е поддржан од Британската амбасада во Скопје.