Македонија
12. February 2020 - 15:27

Промовиран прекуграничниот проект „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ во поширокиот регион на Охридското Езеро

Планинската спасителна служба што функционира во рамки на охридскиот Црвен крст во иднина ќе биде надлежна поточно при потреба ќе интервенира не само во охридскиот регион, туку ќе биде дел од службите за помош во планина и во општините Дебрца и Грамш во соседна Албанија.

Тоа го предвидува денеска промовираниот проект „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, поддржан од Европската Унија, што ќе се реализира преку програмата за прекугранична соработка со Република Албанија. Целта на овој проект е да се подобри социо-економскиот развој на охридско-преспанскиот регион преку одржлив развој и промоција на високи стандарди за безбедност во туризмот.

Преку координирани активности спасувачките служби на двете страни од границата ќе делуваат во одредена ситуација и ќе можат во најкус можен рок да интервенираат за спасување во планина. Тоа ќе значи системско подобрување на безбедносните услови за сите туристи, поконкретно на вљубениците во планинскиот туризам, но и поголема безбедност на населението што гравитира на територија на седум општини, Охрид, Струга, Ресен, Дебрца и Вевчани од македонска и Поградец и Грамш од албанска страна.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски истакна дека бројот успешни интервенции на Планинската спасувачка служба изминатите две години само ја потврдува оправданоста од ваквите проекти, дотолку повеќе што на тој начин се создаваат безбедни услови за авантуристички туризам како активност што ќе има позитивен импакт во целина врз туризмот како стопанска дејност.

-Овој прекуграничен регион Дебрца – Грамш е планински, тешко достапен терен и како таков заостанува во целокупниот социо-економски развој. Со оваа програма настојуваме да поддржиме проекти за негово заживување. Тоа нема да се случи преку ноќ, но ова што го правиме е поттик преку проекти и мерки да се искористат природните убавини како можности за развој на планинскиот туризам. Секако предуслов за тоа е безбедноста на гостите, рече Милевски изразувајќи уверување дека со отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ ќе бидат достапни уште повеќе фондови за поддршка на послабо развиените региони.

Никола Бертолини од Секторот за соработка и развој при Делегацијата на ЕУ од своја страна посочи дека Унијата секогаш ги препознавала и ќе ги поддржува и во иднина сите проекти што промовираат прекугранична соработка, како една од најважните приоритети согласно програмите за поддршка на ЕУ.

-Луѓето и заедниците што се далеку од главните градови се по правило помалку развиени, послабо поддржани и послабо видливи за заедницата. Затоа ние ги помагаме ваквите проекти што во крајна линија имаат цел нивно економско зајакнување. Прекуграничните проекти се можеби најтешки за спроведување гледано од административен аспект, но мора да се работи на конкретни активности што ќе ги надминуваат потешкотиите што ги прават границите, рече Бертолини потсетувајќи на придобивките што ги дава блискоста на луѓето што живеат во близина на границата.

На свечената церемонија по повод промоцијата на проектот на Граничниот премин „Свети Наум“ беше потпишан Меморандум за соработка на Планинската служба со Националниот координативен центар за гранично управување. Тоа значи дека при потреба од акција за спасување или  каква било помош на планина, сите информации во реално време ќе бидат проследени до сите надлежни субјекти и институции, со што би се овозможило од административен акспект непречено делување на спасувачките служби на двете страни од границата.

Директорот на Царинската управа на РС Македонија Ѓоко Танасоски истакна дека царинските институции од двете држави максимално ќе го поддржат проектот преку поедноставување на процедурите потребни за премин на спасувачките екипи и целата нивна опрема и на тој начин да овзможи истиот да биде успешен, да ги даде посакуваните резултати, како поголема безбедност така и зголемен број туристи во планинските предели во регионот.

-Секој гостин кога доаѓа во една земја прво што размислува на безбедноста, дали функцинонираат институциите, дали истите се координирани меѓусебно, Мислам дека тоа е тој елемент што сега го пополнуваме, а кој во иднина ќе придонесе за развој на регионот. Границата можеби разделува, но тука би рекол царината обединува, рече Танасоски.

Градоначалниците на Дебрца и на Грамш Зоран Ногачески и Клодиан Таче изразија задоволство што се дел од овој проект, оттаму што е активност што коренспондира со заложбите на двете локални самоуправи за искористување на природните убавини и сите останати ресурси за нивна промоција во посакувани и интересни туристички дестинации.