Македонија
20. December 2019 - 8:33

Промоција на „Урбанон: прирачник за агенти“

Првата македонска друштвена игра со улоги „Урбанон: прирачник за агенти“ на Марио Савовски, што претставува продолжение на неговата книга „Урбанон: тајните документи“, ќе биде промовирана вечерва во Скопје.

Како што наведува Савовски, играта е уникатна интерактивна приказна со повеќе играчи и еден контролор (Game-Master), која главно се игра со разговарање помеѓу играчите и со фрлање коцки.

– Секој играч си има свој карактер претставен на лист хартија исполнет со информации и атрибути. Преку тој карактер, играчот има удел во здружената приказна во која се наоѓаат сите играчи. Секој играч донесува одлуки за својот карактер и со тоа влијае на останатите карактери и го менува самиот тек на приказната, се наведува во соопштението на Савовски.

Преку прирачникот, авторот Марио Савовски ги повикува играчите да навлезат во светот на Отралкон, да станат агенти и да истражуваат урбани легенди низ целата територија на земјава.