Македонија
16. February 2017 - 15:20

Промоција на проектот „Демистификација на меѓуетничките конфликти“

Намалување на меѓуетничките и меѓуконфесионалните тензии и конфликти кај средношколската младина во Македонија и нивна суштинска и одржлива релаксација низ демистификација на општата политичка клима и политичката манипулација е целта на проектот „Демистификација на меѓуетничките конфликти“.

Александар Цветкоски од Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка - АГТИС од Прилеп на денешната промоција во Скопје истакна дека проектот нуди иновативен пристап во третирањето на темата преку видеа и перформанси.

- Идејата на проектот е да направиме еден одржлив развој на школската клима во самите уличишта на начин што кај децата ќе го јакнеме личниот код наспроти колективниот код. Досега се направени многу проекти за подобрување на меѓуетничките односи и ние не сме многу задоволни со резултатите, а ги гледаме и резултатите на терен. Можеби заради стереотипноста на пристапот, можеби бидејќи се што се случува е преку тој колективистичкиот код - едните се секогаш Македонски, Албанци, Турци, тука немаме имиња, презимиња, лични судбини туку сите ги туркаме во еден турнус. Овој проект тоа ќе го избегне на начин што децата ќе ги научи наместо да говорат да се изразуват преку видео, Фејсбук, на начин кој најдобро го знаат, вели Цветкоски.

Покрај едукацијата, со која сакаат да го зајакнат капацитетот на децата за поголема резистентност на политиката особено од дневен тип, сакаат тој да има влијание и кај родителите и кај училишните раководства. Проектот, рече, има и стручен аспект, а тоа е испитување на состојбата во средните училишта со акцент на насилството во и надвор од средните училишта. Ова истражување АГТОС ќе го води во соработка со партнерите на проектот АДИ, МКЦ, ИРЗ, Зенит и Мултиетникум.

Беса Арифи, професор од Универзитетот на ЈИЕ, вели дека најголем проблем во државата кога се зборува за меѓуетничките односи е дека кон нив се гледа како на хендикеп наместо како на предност, и секогаш кога постои проблем во земјата тој се поврзува со меѓуетничкото нетрпение и нетолеранција. Потребно е, додава таа, и меѓусебно запознавање и поголема инклузивност во образовниот процес заради надминување на стравовите од различниот од себеси.

- Колку помалку такви стравови има толку потешко е луѓето да бидат предмет на различни манипулации кои најлесно е да се прават во основ на етничката и религиозната припадност. Тоа е најважниот момент во нашето општество бидејќи токму во нашето политичко секојдневие секојпат забележуваме дека кога работите ќе заглават на некој проблем секогаш се оди кон тоа на него да му се даде етнички контекст, религиозен или друго наместо да се бара вистинското решение кое во најчест случај е заедничко за сите без оглед на нивната етничка припадност,  вели Арифи.

Професор Виолета Петкоска Бешка од Филозофскиот факултет при УКИМ истакнува дека она што и е потребно на Македонија е градење на инклузивно мултиетничко и мултиконфесионално општество. Во контекст на подобрување на меѓуетничките односи ја истакна улогата на образованието кое за постигнување на таа цел треба да понуди интеракција меѓу учениците од различните етникуми.

- Контактот мора да биде проследен со рамноправен статус меѓу групи, особено од јазична гледна точка, да има заедничка цел, да постои меѓугрупна соработка, да има поддршка од авторитетите. Многу е битна и персоналната интеракција, секој да го гледа другиот како индивидуа, како личност, а не само како припадник на одредена етничка група, вели Петкоска Бешка. 

Прес-конфренцијата беше проследена со младински перформанс „Тепачка со перници“, која е дел од проектот.

Проектот е финансиран од Амбасадата на САД, а ќе се реализира низ иновативен пристап со примена на видео-обуки, кратки и креативни фејсбук видеа, кои ќе можат да се следат на фејсбук фан страницата „Млади, но не и глупави“.