Македонија
16. August 2018 - 8:21

Промоција на книгата „Лобирање во културата-Конзулската дипломатија во Битола“ од Марјан Танушевски

Општина Битола и Македонско научно друштво-Битола во рамки на „БитФест“, вечер организираат промоција на книгата „Лобирање во културата-Конзулската дипломатија во Битола“, чиј автор е вон. проф. д-р Марјан Танушевски.

Во книгата акцентирано е ребрендирањето на конзулската традиција во Битола, кое почнува на 25 октомври 1995 година кога битолчанката Калиопа Кривашија Стилиновиќ е избрана за почесен конзул на Република Франција, и прв почесен конзул во овој град, лобирањето во културата и примената на јавна и културна дипломатија од страна на битолските конзули.

- Секој читател освен за досегашниот придонес на почесни конзули, ќе биде запознаен со важноста на феноменот лобирање како одлично средство со кое се поддржува и се води извршувањето на клучните дипломатски функции. Оваа книга ќе служи во промотивно-афирмативните активности на општина Битола, за културен извоз и други проактивни иницијативи на локалната самоуправа со кои ќе се нагласат сопствената историја, култура, уметност, архитектура, и други уникатни обележја на градот, со применлива стратегија за лобирање и со силна културна дипломатија, вели Танушевски, за својата 10-та по ред авторска книга во која поместува и посебен избор од лоби-речникот на Кристијан Д‘Фулои, претседател на Асоцијацијата на акредитирани лобисти-ААЛЕП во Брисел.

Рецензенти на книгата на авторот Танушевски, кој е и новинар-уредник во МИА, се академик Костадин Пушара, член на Меѓународниот борд на лобисти во Брисел и професор д-р Нано Ружин, кој вечер заедно со Калиопа Кривашија Стилиновиќ ќе ја промовираат книгата „Лобирање во културата-Конзулската дипломатија во Битола“.

Во Битола во моментов има девет активни почесни конзулати, три конзулати се во мирување, а во функција се Генералниот конзулат на Бугарија и Канцеларијата за врски на Грција.