Македонија
6. December 2018 - 9:20

Промоција на интернет платформата prijavikorupcija.mk

По повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска ќе ја промовира интернет платформата prijavikorupcija.mk пред студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Презентацијата ќе биде неформална, на штандови поставени на сите факултети во кампусот на УКИМ, каде студентите и професорите ќе имаат шанса директно да се информираат и интерактивно да ја тестираат платформата.

Корупцијата и судирот на интереси претставуваат феномени за кои во сите релевантни анализи се истакнува дека сѐ уште остануваат во значителна мера неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека антикорупциската борба не дава задоволителни резултати. Токму од овие причини, борбата против корупцијата е дел од програмата за Владеење на правото, односно од Стратегијата за работа на Хелсиншкиот комитет 2018-2020 година. Преку интернет платформата за пријавување на корупција, покрај евидентирање и мониторинг на случаи, Комитетот ќе  овозможи и соодветна бесплатна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија.