Македонија
14. јуни 2017 - 18:39

Промоции и претстави на МТФ „Војдан Чернодрински“

На шестиот ден од МТФ „Војдан Чернодрински“ кој по 52. пат се одржува во Прилеп, денеска напладне во фоајето од домот на културата „Марко Цепенков“ се одржаа две промоции на театарска литература.
 
Прво беше промовирана книгата „Маруша - вратена дома“ од театрологот Лилјана Мазова која истражувала и го пронашла загубениот текст „Маруша“ според кој е одиграна претстава во 30 - ите години од минатиот век во Штип. Книгата е публикувана со поддршка на „Заводот и музеј“ од Штип.
 
Според Зоран Читкушев, директор на штипскиот „Завод и музеј“, „Маруша“ е дело кое е создадено 1925 година, кога во Македонија се прави колонизација од српската власт.
 
- Во тој контекст е направен текстот и потоа драмата, кој има јасна дистинкција на кој јазик се зборува. Многу долг период текстот не беше достапен. Благодарејќи на Мазова направивме напори да се објави. Вредно дело е за македонската историја. Прв текст забранет, а изведен во Македонија, рече Читкушев.
 
Театрологот Лилјана Мазова вели дека  драмата „Маруша“ е многу контроверзна за македонскиот јазик.
 
- Пишувана е 1923 година, ако се има предвид дека тогаш во Штип имало театар. Напишана е од двајца автори Душан и Васил, изведена и потоа симната од репертоар. По сите мои истражувања, а се велеше дека не постои, ја пронајдов во 2004 година во архивата на библиотеката на  Новосадскиот театар, во ракопис. Тоа беше голем настан за мене. Ова е големо откритие во  современиот македонскиот театар во однос на драмското наследство. Станува збор за битова драма од тогашниот живот. Нема официјални податоци зошто била забранета, рече Мазова.
 
Денеска беше промовирана и книгата „Глоговиот џбун и други драми“ од Братислав Димитров, приредена од  д-р Јелена Лужина, во која се објавени  седум негови драми.
 
-Пиесите се играни во различни театри и  потоа се печатени. Мојот став е,  најпрво, пиесата да се игра на сцената, па потоа да се печати, рече Димитров.
 
Вечер на програмата се уште две претстави во официјалната конкуренција за наградите на Фестивалот. Од 19:30 часот на сцената од домот на културата „Марко Цепенков“ струмичкиот театар ќе ја игра претставата „Џон Габриел Боркман“ од Хенри Ибзен, во режија на Горан Тренчовски, а од 22 часот во прилепскиот театар ансамблот на МНТ ќе ја одигра претставата „Копање“ од Кристијан Винклер во режија на Франц Фон Штролхен.
 
На полноќ во домот на културата во придружната програма е претставата на битолскиот театар „Смислата на животот“ во режија на Благој Мицевски.
 
Утревечер се последните две претстави од 12-те во конкуренцијата за наградите. Прво, во театарот „Војдан Чернодрински“, охридскиот театар ќе ја одигра претставата „Аналфабет“ од Нушиќ во режија Горан Ризески, а потоа на сцената од домот на културата велешкиот театар ќе ја изведе претставата „Ана Комнена“ од Сашо Димоски во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев.
 
На полноќ е испитната претстава во придружната програма „Елка кај Иванови“ на студентите од ФДУ од Скопје во класата на Зоја Бузалковска. В петок напладне ќе бидат соопштени наградените на Фестивалот, а вечерта од 20 часот ќе бидат доделени наградите, а мјузиклот „Тајно моја на македонската опера и балет ќе го затвори фестивалот. Инаку, поради големиот интерес за мјузиклот, в петок ќе има уште една претстава од 15 часот.