Македонија
1. April 2016 - 19:44

Промена на ВМРО – ДПМНЕ – За промена на името на Македонија

Под наслов, промена на ВМРО за промена на името на Република Македонија, хрватскиот портал ДИРЕКТНО.ХР, пишува за актуелните случувања на македонската политичка сцена.

Политичката криза во Македонија, со мали прекини трае веќе неколку години, а во последните година дена значајно се интензивира со протести, антипротести, како и преговорите околу предвремените избори поврзани со наводната политичка корупција во власта.

Според хрватскиот портал пропаднати се сите тези на опозицијата кои се однесуваа на приговорите за нелегитимноста на изборите, посебно откако опозицијата ги контролира Државната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи. Со влезот на претставници на најголемата опозициска партија во техничката влада, на виделина, една по друга излегоа конструкциите и аферите кои опозицијата планираше да ги пласира преку медиумите кои ги има под своја контрола.

Порталот пишува дека независните македонски аналитичари се прашуваат како е можно, и покрај цврстите докази за конструкциите и манипулациите, дел од странските амбасади сеуште да ги поддржуваат информациите кои доаѓаат од спин-лабараториите на СДСМ.

Одбраната на македонските национални интереси е логичен одговор на таквата ситуација, бидејќи во периодот од 2006 до 2016 година ВМРО имаше низа успеси на тоа поле, а тоа го покажува резултатот од испитувањето на јавното мислење. Мнозинството на Македонци не сакаат промена на националното име, како што бараат грчките националисти, блокирајќи им го пристапот во евроатланската интеграција. Во тоа имаат голема поддршка и од политиката на Бугарија, која со либералното делење на пасоши сака да го направи тоа што не успеа за време на втората светска војна, односно, да ги бугаризира Македонците. Тивка поддршка имаат и од србските политичари, блиски на СПЦ, која сите Македонци ги смета за србски православен народ.

Според порталот, наjважно е дека најголем дел од гласачкото тело на ВМРО има тврд став прoтив промена на националниот идентитет, за што пред неколку години беше добиена и меѓународна потврда од судот во ХАГ, кој на Македонија и го утврди правото на име и идентитет.

Порталот пишува и за изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека Македонија треба да ја свитка кичмата и да го промени своето име, кажана пред неколку години во интервју.

Во текстот особено се потенцираат и одлични економски резултати на Македонија на макроекономски план.