Бизнис
29. јуни 2019 - 16:27

Пролетните дождови го подготвија Стрежевското езеро за летната сезона

Стрежевското езеро има доволно количина вода за во текот на летната сезона да ги задоволи потребите на сите корисници од Битола и битолско. Дождовите во мај го наполнаа езерото кое достигна 95 милиони метри кубни вода.

-Оваа година иако беше сушна година во март и април, последните дождови во месец мај ја наполнаа акумулацијата „Стрежево“. Сите водокорисници во Битола и битолски ќе имаат доволно количини вода за нивните потреби. Вода ќе има за земјоделците, РЕК Битола, индустријата и за граѓаните на Битола во оној момент која ЈП Водовод ќе нема вода, ние редовно ќе испорачуваме редовно вода за пиење, истакна Менде Граматковски, директор на ЈП „Стрежево“.

Граматковски потенцира дека поволната финансиска состојба на претпријатието овозможува да инвестираат во поголеми проекти. Најголемата инвестиција е изградбата на фотоволтаичната хидроцентрала со јачина од 500 киловати.

-Со изградбата на централата покрај претпријатието, бенефит ќе има и Битола, а ќе се заштити и животната средина. Ќе биде изградена на објектот „Брана“, каде имаме сопствена разводна постројка и сопствен далековод, истакна Граматковски.

За хидроцентралата е изготвена е физибилити студија, формирана е работна група и во нареден период се очекува Владата да распише тендер за доделување на премиум тарифи за изградба на вакви централи на сопствено земјиште.