Македонија
10. јуни 2016 - 15:35

Пројковски: „Соларис“ ќе биде важен столб во историјата на МНТ

Вечерва е голем празник и важен ден за Македонскиот народен театар. Нашите заложби изминатиот период да се промовираме со естетика и да се наметнеме како еден театарски центар на европската театарска мапа вечерва се потврдува, рече директорот на МНТ Дејан Пројковски на прес-конференција пред премиерата на „Соларис“ во австриската престолнина, како копродукциски проект со фестивалот-домаќин „Виенер фествохен“. 

„Соларис“ е меѓу петте главни премиери на фестивалот. Светската премиера на оваа претстава во режија на Украинецот Андриј Жолдак, како и двете репризи утре и задутре, ќе биде во централната сала на комплексот MuseumsQuartiers (MQ) која има места за 820 гледачи.

- Мислам дека по вечерашната премиера „Соларис“ ќе биде важен столб во историјата на МНТ и претстава која ќе ни влее верба дека се движиме по вистинскиот пат. Зашто да се биде дел од главната програма со едно светско режисерско име како што е Жолдак е само доказ за креативниот капацитет и енергија кои ги носи ансамблот на МНТ, рече Пројковски.

Копродукцијата со „Виенер фествохен“ е финансиска и секаде каде што понатаму ќе гостува „Соларис“ ќе биде претставуван како копродукција. За скопската премиера во септември веќе има најавено претставници од фестивали кои ќе дојдат да ја гледаат, како од Даблин и Мелбурн, кои разговарале и за земање на двете претстави на Жолдак со МНТ („Електра“ и „Соларис“). Пројковски соопшти и дека следната година МНТ ќе влезе похрабро и посмело.

- Во преговори сме со водечки имиња од германскиот и од италијанскиот театар. Имаме идеи за копродукции. Ова е почеток на еден убав период на МНТ, рече Пројковски и се заблагодари на Министерството за култура зашто има разбирање за нивната идеја - МНТ да прерасне во важен театарски центар во Европа.

Режисерот со богата меѓународна кариера и со специфична театарска естетика, Андриј Жолдак, како и директорот на МНТ, смета дека треба да се има храброст, креативна фантазија и издржливост за да се влезе во вакви големи проекти кои бараат голем напор и голема верба.

За „Виенер фествохен“ рече дека е еден од најголемите фестивали кој селектира продукции кои носат теми од животот, политика и уметноста. Учеството на Македонија го смета за важна страница во нејзината културна историја и за нејзината промоција и е среќен што МНТ и Пројковски како претставници од новата генерација театри на Источна Европа и Балканот се во официјалната програма и ќе играат на централната сцена.

Не може да ги предвиди реакциите на публиката по вечерашната премиера, одговори Жолдак на прашањето какви му се очекувањата.

- Не знам што да очекувам. Ја знам Германија, често имам претстави пред германската публика, пред австриската имав пред 11 години на фестивалот со адаптација на роман од Солжењицин, но не ги знам реакциите сега зашто времињата се менуваат. Овој фестивал е многу буржуоаски, со многу културни настани, влезниците не се евтини, рече режисерот.

За новата продукција со МНТ меѓу другото рече дека е како добриот стар стил во филмовите на Тарковски и Бергман, дека во неа нема забава туку сенки и темнина, свесност за проблемот што е насекаде во западна Европа, загубата во вербата во Бог.

Дејан Лилиќ, кој го игра ликот на Крис Келвин, исто така, неодреден во очекувањата од премиерата.

- Никогаш не ми било потешко да кажам што очекувам од една претстава. Имам преку 60 претстави и никогаш не сум бил со толку прашалници како ќе биде тоа прифатено од другата страна, не зашто мислам дека е лоша претставата, туку зашто е сосема различно и ново ова што го правиме во однос на сценските елементи, мизансценот, начинот на игра и како е тоа претставено. Сигурен сум дека многу ќе ги допре претставата, на некои луѓе можеби воопшто нема да им се допадне, но впрочем зошто би била уметноста еднаква за сите, не е математика, рече Лилиќ. Додаде дека претставата не враќа од едно време во друго и тоа само преку внатрешните чувства и емоции на еден човек.

- А тој човек сме сите ние. Крис Келвин е огледало во кое сите може да се препознаат. Сите ние внатре си го имаме нашиот космос во кој треба да трагаме и да си ги бараме нашите работи, истакна Лилиќ.

Дарја Ризова, која го игра ликот на Реја, зборуваше за втората соработка со Жолдак по улогата во „Електра“.

- Предизвик е да се работи со Андриј, секогаш се повеќе се учи од него. Психички и физички е напорен процес, како и „Електра“. Како млад актер за мене беше голема работа што ми се случи да влезам во таков оган со Жолдак, за „Електра“ и сега, по толку краток период, повторно да се соочам со него. Не научи дека ништо не е невоможно и дека се што сакаме можеме да го покажеме на сцената, да да ги откриеме во себе темните, скриени страни кои можеби никогаш не си мислел дека ги имаш и сега си свесен за тоа, рече Ризова.

Нивните ликови од детството ги играат две деца – 10-годишната Калина Трипкова и 12-годишниот Дарио Ефтимовски кои на прес-конференцијата рекоа дека се среќни што учествуваат со актери професионалци и велат не им било тешко.

Во актерската екипа се и Александар Ѓорѓијоски, Славиша Кајевски, Драгана Левенска, Александар Михајловски, Софиа Насевска-Трифуновска и Арна Шијак.