Бизнис
19. April 2018 - 19:51

Производителите на зелка протестираа поради ниската откупна цена од само 8 денари за килограм

Производителите на зелка  од  струмичко повторно побараа  итна средба со министерот за земјоделие со цел надминување на проблемот со ниските откупни цени. Нивното незадоволство од моменталната состојба тие го изразија преку мирен протест во селото Сарај од каде повторно упатија апел до ресорниот министер да дојде и лично да ја види состојбата на терен. Велат  со  моменталните цени од осум до десет денари неможат да ги покријат ниту основните производствени трошоци.

,, Чекаме една недела да дојде министерот за земјоделие тука, да разговара со нас, да најдеме некое решение за зелката оти така повеќе не оди. Зелката денеска се откупува без цена, има некои информации од осум до десет ама десет воопшто и нема. Зелката е без цена. Зчачи фолиска зелка на осум денари тоа воопштоо не е исплатливо, зошто постои тој министер ако не за нас. Ние зелката ја предаваме на магацинот, а цена не се пишува воопшто на белешката, значи цена утре ќе ни запишат.,, вели Станислав Пујкиловиќ - земјоделец.

,, Зелката се откупва без цена. Откупувачите праваат неделни цени, месечни цени, ама колку повеќе паѓа за нив е подобро, тие ја извезуваат зелката на поголеми цени, а тука ни ја плаќаат осум и десет се движи денеска, а не пишува на белешката колку пари е.,, вели Јасмин Трајчев - земјоделец  

Земјоделците освен решение на проблемот со ниските откупни цени на зелката  од ресорното министерство бараат одговор и  околу исплатата на двата денари  за килограм бостан  кои им беа ветени минатата година како дополнителна субвенција.