Македонија
17. August 2019 - 18:08

Производителите на ориз на предупредувачки протест - два часа блокирана една лента од регионалниот пат кон Кочани

Оризопроизводителите од Кочанско утринава, со земјоделска механизација, на два часа ја блокираа едната коловозна лента од регионалниот пат Штип-Кочани, кај село Облешево. Ова е предупредувачки протест поради не исплатата на 5-те денари за предаден килограм арпа, за што од ресорното министерство им беше ветено дека ќе им биде исплатено најдоцна до 31 мај годинава.

- Мај помина, јуни помина, јули, сега сме 17-ти август. Значи, со еден збор бевме излажани-изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од с. Облешево

Оваа интервентна субвенција беше воведена поради ниската откупна цена минатата година. Средствата им беа потребни за купување на репроматеријали.

- Јас ви гарантирам дека пола од овие луѓе немаа средства да купат ѓубрива, да вршат дополнителна потхрана на оризите за да имаат поголеми приноси. Тоа е понижувачки за еден земјоделец кој произведува храна- изјави Драгољуб Гаврилов, оризопроизводител

- Јас треба да земам 100 000 денари, за да си ги платам препаратите и ѓубрето, а не можам, значи сум го излажал човекот-изјави Бранко Манчев, оризопроизводител

На прагот на новата реколта, а за да не се најдат во иста или слична состојба, оризарите бараат уште сега да биде утврдена откупната цена.

- Да арпата се откупува по 25 денари, а белиот ориз по 50 денари. Тоа е минимална цена- изјави Гаврилов

Ресорниот министер Трајан Димевски денеска им порача дека субвенцијата ќе ја добијат по ребалансот на буџетот и побара оризопроизводителите да имаат трпение. Меѓутоа, тие му дадоа рок од 5 дена, по што ќе ги радикализираат протестите.