Македонија
25. February 2016 - 11:53

Програма за одбележување на историски и културни настани во Битола

Општина Битола ја утврди програмата за одбележување на значајни историски и културни настани во овој град кои локалната самоуправа ќе ги прослави на организиран начин.

Според програмата во текот на идниот месец ќе бидат одбележани 5. март, денот на смртта на првиот филмски снимател на Балканот Милтон Манаки, 11. март, денот кога се навршуваат 70 години од депортирањето на Битолските евреи, а на 25. март ќе биде одбележана годишнината кога во 1881 година во Битола било отворено читалиштето „Просвештение“.

Од општина Битола информираат дека во текот на годината ќе бидат одбележани и 22. април, денот на формирање на Битолскиот партизански одред „Пелистер”, 28. април денот кога во 2001 година во тетовското село Вејце загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили, потоа 3. мај кога во 1942 година загинаа хероите Елпида Караманди, Таки Даскало, Димче Хаџи Поповски, Томаки Димитровски, Мара Јосифова, Јоска Јорданоски и Оцка Михајловски, 10. мај денот кога во 1989 година битолскиот алпинист Димитар Илиевски-Мурато го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест, а на 20. мај ќе биде одбележан денот кога во 1836 година во Битола беше формирана противпожарникарска служба.

Во текот на 2016 година ќе бидат одбележани и повеќе јубилејни датуми и годишнини како што се 70 години од загинувањето на  Тодор Ангелевски-Строгов и 70 години од загинувањето на Панде Кајзерот, потоа 21. септември светски ден на мирот, 23. октомври денот на формирањето на Македонската револуционерна организација, а за 4. ноември – Денот на ослободувањето на Битола според востановената традиција ќе биде подготвена посебна свечена програма.