Македонија
27. February 2018 - 12:57

Професионален спасувач: Како беа спасени Французите на Шара, зошто не се применети процедурите за спасување на Калина и Александар

Извештај на Планинска спасителна служба (ПСС) во врска со настаните од 10 и 11.02 2018 година.

Како што јавноста беше претходно запознаена преку медиумите за време на викендот 10.-11.02.2018г. во регионот за Шар планина беа спроведени две акции/потраги за спасување на загубени/исчезнати лица. Во овие случувања директно инволвирани беа двајца Француски, двајца Косовски и четри Македонски државјани.
Сакаме да напоменеме дека Планинска Спасителна Служба (ПСС) е дел од приватната компанија Вертикал Солутионс ДООЕЛ Скопје. Истата во моментов веќе шеста сезона работи на обезбедување на ски центарарот Попова Шапка и нема никакви обврски и задолженија да дејствува вон скијачките терени.Така што и во двете акции кои се превземени, на терен се работеше исклучиво волонтерски и на сопствен ризик. Се разбира со несебична поддршка од страна на ски центарот и службите во него.
Ова е официјалниот извештај на ПСС во врска со овие настани:

Случај 1

10.02.2018г. Сабота
Во 15:30ч. ПСС добива дојава од страна на полицијата, при полициска станица "Попова Шапка" за две исчезнати лица (француски државјани) во регионот на Шар Планина. Нашиот тим веднаш се упати во локалната ПС заради прибирање на дополнителни информации. За жал тие беа многу оскудни. Сé што добивме беше дека лицата се заминати утрината, дека се странци, дека нема никаков контакт со нив и дека има некакава дојава дека се наоѓаат кај некаква карпа на која пишува Б92 (за која за жал никој не можеше да даде информација каде и во кој регион се наоѓа).

Од страна на ПСС веднаш веднаш беше побарано од полицијата да поднесе барање до мобилните оператори да почнат со потрага по било каков сигнал (преку локалните предаватели) на еден од телефоните на еден од исчезнатите, кој ни беше испратен од негов пријател во Куманово. Откако полицијата почна да постапува по нашето барање, од Француската амбасада во Скопје пристигна некаква фотографија од сателитска снимка на која беше усликана една позиција (Подоцна оваа фотографија ќе се покаже како клучна за пронаоѓањето и среќниот крај на исчезнатите лица). Истата фотографија беше внимателно разгледана од стана на нашиот тим, беа извлечени приближни координати и истите беа префрлени во ГПС уред, по што под претпоставка дека ова е локацијата на загубените и дека истите се останати на оваа локација (т.е. не се во движење) веднаш се пристапи на мобилизација на целиот тим и обезбедување дополнителни сили за изведба на ваква комплексна акција.

На наша среќа, на повикот веднаш одговорија членовите на приватната компанија Eskimo Freeride (приватна компанија од Р.Хрватска која се занимава со транспорт на клиенти на терени за скијање вон патеките и истата поседува неколку ратрака) кои исто така веќе имаа некаква информација и во моментот на нашето јавување веќе вршеа подготовки за поаѓање. Од овој момент, започна координирана акција меѓу нашите две компании за пронаоѓање на исчезнатите француски државјани. Тимот на ПСС и ратраците на Ескимо фрирајд, со нивниот персонал, се упатија во правец на координатите кои ги имавме, а за тоа време ратрак на ски центарот со стучно лице и еден спасител од ПСС беа оставени на почек како резервна варијанта, во случај нешто да се случи со првиот тим кој излезе на терен.

Потрагата започна околу 16:20 ч. Во екстремно тешки услови: густа магла, силен ветар, ноќ, и ниски темпаратури. (условите се гледаат и на снимките и фотографиите објавени подолу). Видливоста беше речиси нула и по овие услови дури и двата искусни тима имаа проблем да се ориентираат дури и според ГПС уреди, особено заради тешкиот терен со амбиси и многу карпи.

Според меѓусебниот договор, и знаејќи дека теренот од кои се координатите е исклучително тежок за комплетен пристап, се направи план да се пристапи најблиску што е можно до локацијата, а од таму да се продолжи со потрага пеш и со повикување.

Ова беше во целост спроведено и по неколку неуспешни обиди поради лошиот терен и слабата видливост, сепак успеавме да најдеме безбедна рута и да се приближиме најблиску што е можно до унесреќените, по што веднаш ги слушнавме нивните повици за помош и наскоро ги лоциравме. Пронаоѓањето беше во 18:00ч. Лицата веднаш беа згрижени, беа извршени прегледи на нивната состојба од страна на ПСС и беше констатирано дека и двајцата, лицето Б.Г. на 21 година и Б.Н. на 25 години се во добра психофизичка состојба, по што беше отидено на местото каде лицата пробувале да се засолнат и беа утврдени следните факти:

Двајцата другари утрината пристигнале во ски центарот Попова Шапка, виделе некаква апликација на интеренет на која постоела некаква маркација и покрај тоа што временските услови беа катастрофални, ги занемариле основните правила за планинарење и се упатиле во длабочината на планината. Која била нивната крајна цел, не се знае бидејки и тие самите не можеа да дадат информација околу ова. Лицата облечени во слаба/несоодветна облека (дуксери, тенки јакни, тенки ракавици и изнајмени панталони) се загубиле веќе по половина час откако започнале со турата.

По повеќе часовно лутање низ планината, сфатиле дека нема да можат самите да се извлечат од таму и дека ќе мора да побараат помош, но за нивна несреќа и двата мобилни телефони кои ги поседувале веќе биле со празни батерии поради ниските темпаратури. Тоа што го направиле во наредните неколку минути (пред да падне ноќта) и во наредните два часа потоа со сигурност ги спасило од сигурна смрт во текот на ноќта.

Едниот од нив ја извадил батеријата од мобилниот телефон и ја загревал на препоната додека не добил 1% енергија што било доволно да го отворат ГПС уредот, да ја усликаат својата позиција и да ја испратат таа фотографија со текст камен Б92 на свој пријател во Куманово. Во овој момент и последниот телефон замрел. За среќа нивниот пријател веднаш сфатил дека нешто не е во ред и ја алармирал француската амбасада во Скопје, која пак го пријавила случајот до полицијата, а таа ја проследи информацијата до нас.

Двајцата другари во продолжение на неколку наредни часови повеле уште неколку паметни постапки и донеле одлуки кои се од огромно значење за успехот на оваа спасителна акција. Имено истите решиле да не ја менуваат локацијата по ни една цена и да бидат активни по времето додека чекале за да ја одржат својата телесна темпаратура. Се заштитиле од директните налети на ветрот позади карпата и почнале да копаат бивак во снегот со цел да колку-толку се заштитат.

Во 19:00ч. лицата Б.Г и Б.Н. Беа безбедно транспортирани во хотелот "Арена" на Попова Шапка каде беа згрижени, затоплени, добија топол оброк и престој во хотелот до следниот ден кога го напуштија ски центарот.

На крај на овој извештај, јас Дарио Милошевиќ (раководител на ПСС при Вертикал Солутионс) сакам да изразам неизмерна благодарност до целата екипа на Eskimo Freeride и членовите на ПСС кои несебично и ризикувајќи го сопствениот живот одговорија на овој огромен предизвик, со цел да бидат спасени два млади човечки животи, кои со сигурност ќе згаснеа во текот на ноќта доколку не постоеше ваква навремена реакција. Се разбира огромна благодарност и до ски центарот Попова Шапка и ЕЛЕМ-турс за техничката помош и упорноста да се помогне.

Случај 2

11.02.2018г. Недела

Околу 16:00ч. по време на друга спасителна акција ПСС добива известување од локален планински водач Методи Чилиманов за две загубени лица (косовски државјани). Спасител на ПСС воспоставува телефонски контакт и добива информација дека лицата се на три километри од селото Бродец, според информациите добиени од GPSот од нивниот телефон. Поради блискоста кон горенаведеното село, истите се советувани да се упатат кон него и во меѓувреме да известуваат што се случува. Неколку минути подоцна почнуваат да пристигаат информации за уште 4 загубени лица (скијачи и бордери) кои стартувале со скијање од врвот на жичарата Церепашина и кои исто така не знаат каде се наоѓаат.

По кратка истрага и остварен контакт преку горенаведениот водич во планина, ПСС доаѓа до информации дека загубените се споиле во една група, според новите ГПС координати се наоѓаат на маркирана патека високо помеѓу селата Бродец и Шипковица и сите се во добра психофизичка состојба, по што се советувани да продолжат да се движат по истата маркација која води над село Шипковица и во правец на главниот пат Тетово – Попова Шапка, со цел да излезат на истиот и од таму да бидат превземени. По ова се губи контактот со групата и околу 17:30 едно лице (локален жител) се упатува со моторна санка во спротивна насока по истата патека со намера да ги пресретне загубените, но овој обид останува неуспешен, по што станува јасно дека исчезнатите не се движат по зацртаната рута.

Во 18:00 ПСС почнува да мобилизира дополнителни сили за подготовка на акција за загубени/ исчезнати лица. Повикани се: Целиот тим на ПСС, локалните планински водачи, Искусни планинари од ПК Љуботен-Тетово, Претставници на МВР, Противпожарната служба од Тетово и неколку лица од управата на хотел "Скардус".

По налог на раководителот на ПСС сите субјекти се повикани на координативен состанок во хотел "Славија"- Попова Шапка, каде во меѓувреме тимот на ПСС работеше на прибирање на информации неопходни за ваков вид на потрага.
Неколку членови на екипата на Eskimo Freeride со свои два приватни ратраци веднаш се упатија во правец во кој самите верувале дека ќе ги најдат изгубените, по добивање информации за случајот, иако беа советувани да почекаат точни информации и координација со цел поефикасно и побезбедно делување.

До моментот на пристигање на сите горе наведени субјекти на координативниот состанок, ПСС веќе успеа повторно да воспостави контакт со групата, да ги обезбеди нивните точни координати и да ги советува да останат на истата позиција, сé до пристигањето на спасителните екипи. Истите ни потврдија дека ги разбрале нашите упатства и дека сите се во добра состојба. Вработен од Противпожарната служба кој е локален жител, по преглед на последните координати на карта, потврди дека точно знае каде се наоѓа локацијата. Веднаш по ова беше направен краток договор, екипите излегоа не терен и се упатија кон местото на кое беа шесте загубени лица.
Екипите се упатија кон настраданите околу 19:00ч.

Полицијата според наводите на локалниот жител со моторни санки се упатија кон групата, а членовите од останатите субјекти со приватен ратрак на хотел "Скардус" ги следеа со подготвен план за спасување и евакуација. По околу половина час ПСС доби информација дека полицијата стигнала до групата загубени и дека сите се во добра психофизичка состојба. Од таму лицата, со моторни санки, на неколку пати се префрлени до ратрак на Eskimo Freeride, кој поради густата шума немал услови да дојде до изгубените, но се наоѓа во подобра позиција во однос на настраданите од ратракот на х."Скардус". По ова групата за спасување се упати назад кон ски центарот. По пат за назад ратракот на Eskimo Freeride претрпел оштетување, поради кое истиот не можел да стигне до локацијата на другиот. Целата група од расипаниот ратрак пешки се упатиле кон вториот ратрак, кој поради габаритите не можел да стигне до првиот.

За цело ова време се одржува комуникација меѓу групата за спасување и групата со изгубените, со цел да безбедно пристигнување и евентуална помош. Откако безбедно пристигаат до вториот ратрак на Eskimo Freeride, сите заедно се упатуваат кон ски центарот, каде групата пристигна во хотел Тетекс околу 21:00ч.
Според исказите на изгубените се работи за три различни групи кои почнале да скијаат од врвот на жичарата "Церепашина", при што во услови на густа магла набрзо изгубиле ориентација и следејќи некаква трага од скии (најверојатно од првиот скијач) се упатиле во непознат правец. Подоцна овие три групи се споиле во една, кога впрочем и станало јасно дека истите се загубени. Истите алармираат на повеќе места, како што е веќе опишано погоре во овој текст и откако ги добиваат упатствата почнуваат да се движат по маркираната патека, каде по кратко време ја губат маркацијата, па решаваат да се вратат на почетната позиција каде на крајот беа пронајдени.

Голема благодарност до: планинарите од ПК "Љуботен", планински водач Методи Чилиманов, Маја Мухиќ, Eskimo Freeride, хотел "Скардус", Полициска станица "Попова Шапка", Противпожарна бригада-Тетово, и членовите на ПСС.

Во времето додека се случуваа овие настани, за жал на Македонија и се случи една голема трагедија на планината Кајмакчалан, каде во слична ситуација животот го загубија нашите пријатели/планинари Калина и Александар. Спасителната служба сметаше дека овој немил настан има приоритет над сé друго и од тие причини решивме овој извештај да го оставиме да почека. ПСС изразува длабоко жалење за трагичниот настан и сочувство до семејствата на загинатите.

Настаните на Шар Планина и начинот на кој се понесовме со нив, докажуват дека во Македонија има капацитет и луѓе кои се подготвени да се справуваат со вакви кризи (за разлика од капацитетот на некои наши институции). Жално е што и покрај сите наши долгогодишни напори, државата се уште не најде за сходно да ги инволвира вистинските професионалци (кои повеќе нема да ги најдете ниту во Федерацијата на Планинарски Спортови) и во земја во која 74% од територијата се планини конечно да дозволи и да поддржи формирање на професионална планинска сласителна служба.

Во меѓувреме некои луѓе замаат плата за оваа работа, притоа седејќи во своите топли канцеларии без ниту еден ден обука или искуство на терен.

За крај сакам да прашам:

Зошто процедурите кои беа преземени на Шар Планина не беа преземени на Кајмакчалан и покрај тоа што настраданите имаат паметни телефони и комуникација во продолжение на најмалку 5 часа? Јас, Дарио Милошевиќ (со своите нешто повеќе од 700 интервенции во македонските планини и ски центри) го знам одговорот, но ќе ги оставам институциите малку повеќе да се позанимаваат со ова и конечно (се надевам) да согледаат дека проблемот почнува од катастрофалната организација токму кај нив, па дури потоа нагоре или надолу (кој како што милува да гледа), а доколку некој побара моја/наша помош стоиме на располагање во секое време.

://fokus.mk