Македонија
25. September 2021 - 16:35

Професиите со трета година стручно средно образование се дефицитарни на пазарот на труд

Најголем недостаток на пазарот на трудот се занимањата со тригодишно образование, како што се заварувачи или пак автомеханичари. Средното техничко училиште од Битола нуди ваков кадар, но и општо од електромашинската струка, кадар кој е подготвен веднаш да влезе на пазарот на трудот.

„Тука ние можеме да одговориме во целост бидејќи училиштето е спремно со машинска работилница која може да ја покрие комплетно практичната настава. Ние тука вадиме ученици кои што се директно спремни за да влезат на пазарот на трудот. До нас постојано доаѓаат барања од фирмите од градот кои бараат веднаш да вработат по 10 или 15 спремни ученици, но за жал ние го немаме тој капацитет“ рече Владимир Роме, директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ Битола.

Разговарале со министерката за образование да се најдат начини за мотивирање на учениците да се запишуваат на овие насоки, без разлика дали ќе бидат одредени реформи или пак стипендии.

„На некој начин да се анимираат, да сакаат да доаѓаат што повеќе во тригодишното образование, бидејќи тригодишното образование не е нешто од кое што треба да се срамат, со тоа ќе си го обезбедат животот во иднина и лесно ќе можат да заработат. Вработувањата им се обезбедени, а потоа можат тие вертикално да се надоградуваат со четиригодишно образование без проблем“, рече Роме.

Но, колку компаниите се заинтересирани да понудат стипендии за вакви ученици?

„Компаниите бараат ученици, но не се спремни да соработуваат со нас. Значи ние се обраќаме редовно до нив, но очигледно нив им треба само готов кадар, а малку да сакаат да бидат соработник и партнер во образованието за да го подигнеме на повисоко ниво “, рече Роме.

Тригодишното образование оваа година е стипендирано од Министерството за образование и наука. На ниво на држава, во средно техничко образование се запишаа 1.400 ученици, што е за 6 % повеќе од минатата учебна година.