Македонија
30. November 2018 - 14:47

Проектот за поддршка на учениците со оштетен вид ќе се реализира до крајот на 2019

 Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска се сретна со претставници на Канцеларијата на УСАИД во Македонија со кои разговараше за досега постигнатите резултати во рамки на проектот за поддршка на ученици со оштетен вид.

Проектот се реализира веќе неколку години, а, како што велат од МОН, ќе продолжи да се имплементира до крајот на 2019 година. Целта е да се подобри квалитетот, но и да ја зголеми достапноста на образованието за овие ученици, да се подобрат социјалните и здравствените услуги, мобилноста и достапноста на информации за овие лица, како и да се зголеми подготвеноста за работа на младите со оштетен вид.

Министерот Адеми, како што соопшти МОН, изразил благодарност до УСАИД што долги години дава поддршка за унапредување на квалитетот на образованието преку учество во креирањето на образовните политики и бројните проекти од кои особено значајни се оние што ги тангираат учениците со посебни образовни потреби.