Македонија
31. October 2015 - 8:44

Проектот за климатски промени на УСАИД продолжува во Богданци

Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени денеска, со настан во Богданци, ќе ја продолжи локалната кампања за подигнување на јавната свест за климатските промени.

Кампањата се реализира пет викенди во десетте општини каде што се спроведува овој проект: Студеничани, Пехчево, Делчево, Виница, Богданци, Кривогаштани, Прилеп, Боговиње, Маврово Ростуша и Теарце. Преку елементи на едукација и забава, кампањата се очекува да ја подигне свеста на младите за глобалните климатски промени и начините за справување со нивните негативни ефекти на локално ниво.

Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени е четиригодишна иницијатива која ги подготвува општините да се справуваат со локалните предизвици предизвикани од климатските промени. Користејќи го иновативниот метод наречен Зелена Агенда, проектот ги спојува граѓанските организации, граѓаните и општинските тела за да развијат акциски планови засновани на консензус кои се однесуваат на специфичните прашања за климатските промени со кои се соочуваат нивните заедници и со цел да работат кон ублажување на нивните ефекти.

Дел од активностите вклучуваат енергетски-ефикасна адаптација на јавни згради и објекти, изградба на нов општински резервоар за водоснабдување, вградување нов филтер во пречистителна станица за вода, поставување енергетски-ефикасно улично осветлување.