Бизнис
8. August 2016 - 20:41

Проектот „Македонија вработува 2“ претставен во Дебар

Проектот „Македонија вработува” се покажа како најуспешен во отворањето работни места во општините Дебар и Центар Жупа, како две мали и недоволно развиени подрачја. Од заинтересираноста што владее меѓу работодавачите и неврабоените за искористување на поволности очекуваме позитивни ефекти и со Проектот „Македонија вработува 2“.

Ова меѓу другото го изјави  Афет Авмедоски, раководител на Центарот за вработување во Дебар, на претставувањето на проектот „Македонија вработува 2“ што доцна попладнево се одржа во Дебар.

- За кусо време, од стапувањето во сила на проектот „Македонија вработува 2“ остварени се десет нови вработувања, а веќе при крај е реализиацијата на уште дваесет. Заинтересирани има, па веруваме дека  бројот на нововработените ќе биде повеќе од оној кој беше реализиран со претходниот проект, изјави Авмедоски.

Тој рече дека со првата фаза од „Македонија вработува“, од април 2015 до април 2016 година, во двете општини се остварени 306 нови вработувања, од сите шест целни групи. Втората фаза од проектот, како што додаде, дополнително ќе придонесе за намалување на невработеноста.

Заедно со вработените од институцијата која ја раководи, Авмедоски на дебрани им ги објаснуваше поволностите кои се нудат со проектот, а беа делени и информативни летоци за тоа што го нуди проектот.