Македонија
29. May 2016 - 11:52

Проекти за зачувување на природата на општините од Брегалничкиот слив

Преку Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект од Швајцарската агенција за развој и соработка, во Брегалничкиот слив кој опфаќа 15 општини, за проекти на НВО организации и општини се инвестирани 20 милиони денари.
 
Како што истакна Јасминка Пашалиска–Андонова, координатор за локални активности на Програмата, канцеларија во Пехчево, целта на овие проекти е да се сочува големата биолошка разновидност и природните екосистеми, преку промоција на нивно одржливо користење и управување.
 
- Активностите се реализираат на три нивоа: национално, регионално и локално. Во реализацијата на Програмата се применуваат холистички, партиципативен и системски пристап и има за цел да создаде поврзаност меѓу зачувувањето на природата и одржливиот развој, рече Пашалиска-Андоновска.
 
НВО организации од општините од Брегалничкиот слив, во рамки на двата повика имаат работено на 21 проект.
 
- Кај општините главно фокусот беше на еколошки практики, мерки за енергетска ефикасност, имаме само еден проект кој се однесува на зачувување на природата. Проектите на невладините организации , сите придонесуваат да ги зачуваме природните вредности и нивна промоција, но и да ја подигнеме јавната свест кај граѓаните  за зачувување на природата. На пример, со проектите се опфатени  водопадите во Градче, Кочани, Лесновскиот кратер во Пробиштип, дел од проектите се однесуваат на Осоговските Планини, Малешевските Планини, потоа за едукација на земјоделците за правилно практикување и зачувување на природата од нивниот аспект, ова посебно се однесува за виничкиот и кочанскиот регион каде имаме поинтензивни земјоделски активности. Значи, имаме многу разновидни проекти,  од агробиодиверзитетот, зачувување на шумите и промоција на нивните вредности, специфични геоформации и слично, рече Пашалиска - Андоновска.
 
Инаку, Источниот плански регион  со поддршка на Програмата за зачувување на природата, работи и на Стратегијата за развој на туризмот.  Маријана Шушлеска, национален тим лидер на програмата, за МИА потенцираше дека Програмата има за цел да ѝ помогне на државата за зачувување на природните ресурси и нејзината билошка разновидност, во насока на нејзино правилно управување и користење.
 
- Почнувајќи од изработка на Национална стратегија за зачувување на природата, документ кој е многу важен за нашата државата, потоа преку документот Просторен план за ИПР, бидејќи најголемиот фокус на Програмата е насочен кон активностите на ИПР и општините од Брегалничкот слив, каде освен 9-те општини од источниот регион, спаѓаат и општините Конче, Лозово,Свети Николе и Кратово. Сакам да потенцирам дека  Програмата ја поддржа и изработката на Стратегијата за развој на туризмот во Источно планскиот регион. Во овој регион туризмот е многу значајна економска гранка и во тек се активности за поддршка на 5 прироритети за развој на турзмот кои треба да започнат и да се реализираат  во текот на оваа година, рече Шушлеска.
 
Првата фаза од 4 години на Програмата за зачувување на природата завршува до декември месец оваа година, по што ќе следува уште една фаза од 4 години. Програмата која е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка е координирана од Helvetas Swess Intercooperation  и Фармахем.