Македонија
25. May 2016 - 14:53

Проекти на СВП и МММ успешни примери за соработка во програмата Креативна Европа

На 5 октомври 2016 завршува рокот за аплицирање за проекти од програмата Креативна Европа - потпрограма Култура за категориите Платформи и Проекти за соработка. Апликациите се поднесуваат до Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија.

За да ги информира потенцијалните учесници/оператори како да да се подготват за претстојниот повик за аплицирање, да направат добра проект-идеја и како да се здружат со партнерски организации од Европа, Одделението  за Креативна Европа потпрограма Култура при Министеството за култура денеска организираше инфоден и работилница, на која приуствуваше и претставник од канцеларијата на оваа програма во Белгија. 

Билјана Прентоска од Одделението на програмата Креативна Европа - Култура во Македонија истакна дека Македонија и Белгија имаат добра стартна основа во културната соработка, но дека канцелариите за Креативна Европа на двете земји помагаат и за вмрежување и насочување на учесниците во европски проекти. Билатералната соработка, рече таа, е поедноставна, и треба да се даде друга насока - заедничко учество  во проекти со европска димензија.

- Сега е моментот кога се бараат партнерите за да можат во летниот период заедно да развиваат проект идеи за да аплицираат во октомври, посочи Прентоска.

Како успешни примери беа претставени проекти на две институции од Македонија - НУ Струшки вечери на поезијата - со поетската платформа „Версополис“ (категорија Платформи) и Музичка младина на Македонија - со „Блекборд музички проект“ (категорија Проекти за соработка).

- Струшки вечери на поезијата е ретко успешна организација од Република Македонија, особено зашто е партнер во една платформа. Засега се одобрени само седум платформи на европско ниво и  навистина е голем успех да се биде дел од таков проект и да се учествува заедно со други 15 земји од Европа, односно земјите кои се вклучени во оваа програма. Исто се случува и со Музичка младина која долги години има иксуство во програмата на ЕК за култура, како организација која ја поддржува меѓународната размена на уметници. Мислам дека тоа ќе биде еден добар пример, изјави Прентоска.

Покрај категориите Платформи и Проекти за соработка, за кои крајниот рок за аплицирање е најскоро (5 октомври), програмата Креативна Европа - Култура има уште две други категории за кои може да се аплицира - Книжевни преводи и Европски мрежи. 

Канцелариите на Македонија и на Белгија соработуваат десетина години во програмите на ЕК за култура (сега за Креативна Европа и претходно во  Култура 2007-2013).

Претставничката од белгискиот деск на Креативна Европа, Гудрун Хејманс, изјави дека за рзлика од претходните, програмата Креативна европа е повеќе посветена на интеркултурниот дијалог и на постигнување пошироко влијание врз публиката.

Посочи дека во Белгија има голем број организации од културата кои работат во оваа програма, но повеќе како партнери отколку како водачи (тим-лидери). 

- Предизвик е да се започне интеркултурна соработка, потребно е да ги согледаме можностите како таа да се подобри. Во Белгија имаме два јазика - фламански и валонски и, без оглед на тоа, сите заедно се обидуваме да вложиме максимални напори за таа соработка да се подобри. Воедно сме отворени за интеркултурна соработка и за учење едни од други. Се разбира, ние бараме и соработка со културни организации од вашата земја и од балканските земји затоа што ни е потребно влијанието и културната разноликост што тие ги нудат, додаде Хејманс.