Македонија
8. February 2017 - 17:22

Проект за соработка меѓу високообразовните институции, приватниот и државниот сектор

Универзитетски професори од универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип, претставници од Центарот за вработување, Општина Штип, основни и средни училишта денеска беа дел од работилница во рамките на ЕУ проектот „Развивање на соработка меѓу високообразовните институции, приватниот сектор и релевантните органи“.

Лидерот на проектот Хедер Казнс, која е и заменик министер за вработување и учење во Северна Ирска, Обединетото Кралство, вели дека на денешната работилница се разгледува и се дискутира за улогите на одборите за доверба и соработка со јавност, а на која, како што рече, ќе се споделат и искуства од членките на ЕУ во делот на соработката меѓу универзитетите со приватниот сектор и општините. Казнс истакна дека целта на проектот е да подбри економијата, но и студиските програми за да студентите побрзо дојдат до работно место.

- Главните точки за кои ќе зборуваме денеска се дијалогот меѓу универзитетите и приватниот сектор. Инаку во Обединетото Кралство имаме секторски групи, кои што служат за подобрување на соработката меѓу универзитетите и компаниите. Тие се среќаваат редовно и дискутираат за содржините на студиските програми и нивни понатамошни измени со цел дипломците да најдат работа што побрзо по завршувањето на студиските програми, вели Казнс.

Таа истакна дека согласно нивните анализи во Северна Ирска компаниите имаат голем интерес од стручни лица во делот на ИТ технологијата, прехрамбената индустрија и земјоделството.

Проректорот за развој и инвестиции на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Кирил Барбареев истакна дека овој проект треба да помогне како полесно да се воспостави комуникација, но и соработка со приватниот сектор. Тој истакна дека имаат соработка со приватниот сектор во делот на стипендирањето на студентите.

- УГД има добри контакти со доста компании. Во моментов околу 500 студенти имаат стипендии од приватниот сектор. Тоа е добар момент. Но, она  што останува е дел од подигањето на нивото, бидејќи поголем дел од праксата и голем дел од реализацијата на тие активности со стопанството, со државните и приватните институции се уште е на формално ниво и мора сите засегнати страни да станат посвесни за важноста за праксата на студентите, за заедничко споделување на одговорноста за заедничко креирање на една мрежа во која сите ќе имаме доверба едни кон други, рече Барбареев.

Во реализацијата на овој проект се вклучени Министерството за национално образование, високо образование и истражување – Меѓународен центар за педагошки студии на Франција, Министерството за образование и наука на Р. Македонија и Министерство за вработување и учење – Прекуморска соработка на Северна Ирска.