Македонија
10. May 2017 - 18:25

Проект за развој на фестивалски туризам

Пехчево и Брезница од соседна Бугарија со проект финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка заедно ќе работат на развој на фестивалскиот туризам.

Тоа е предвидено со денеска презентираниот проект во Пехчево  „Платформа за меѓуграничен фестивалски туризам на полето на културата и традициите“. Изработено е уникатно лого на кое се исцртани планините Пирин и Влаина и сонцето кое ја осветлува фестивалската сцена со порака „Види ја културата, вкуси ја традицијата и слушни ги фестивалите“.

Никола Каракашов, координатор на проектот во општина Пехчево, истакна дека овој проект двете општини ќе го работат наредниве две години.

- Една од целите на проектот е да разменуваме искуства, како и да се подобри постоечката рурална туристичка понуда за одржлив развој на прекуграничниот регион, преку соработка во областа на фестивалскиот туризам. Во таа смисла, Пехчево веќе има еден востановен фестивал, тоа е Фестивалот на дувачки оркестри кој е единствен ваков фестивал во земјава, но во подготовка сме на уште еден којштп исклучиво ќе биде наменет за фолклорот и традицијата, рече Каракашов.

Теодорина Тодорова, координатор на проектот од Брезница потенцираше дека искуството на Пехчево за организирање фестивали ќе биде искористено за да може и Брезница да започне нова традиција и да организира фестивал  таму.

- Благодарение на општина Пехчево што се согласија заедно да го направиме овој проект, кој е втор по големина на ИПА програмата и да ги финансираме фестивалите од двете страни. Општина Брезница нема такво искуство како Пехчево во организирање фестивали и затоа ќе ги користиме таквите искуства за да организираме нов фестивал во Бугарија, за да ги покажиме традициите, обичаите, природното и кутурното наследство во овој дел од Бугарија, рече Тодорова.

Пехчевскиот градоначалник Игор Поповски смета дека преку овој проект ќе се подобрат туристичките потенцијали на регионот за зачувување и одржливо користење на природните и културните богатства. Пехчево, најави, ќе ја изработи и стратегијата за развој на туризмот. 

- Проектот е интересен за нас како општина, бидејќи туризмот кај нас е во подем и е наша стратешка цел за економски развој. Во самиот проект имаме инфраструктурни градби и очекуваме да се развие туризмот, бидејќи ќе ги потенцираме и нашите туристички потенцијали, а ќе добиеме и стратегија за развој на туризмот, рече Поповски.

Во рамки на проектот, освен фестивалите, Пехчево ќе добие и туристичко-информативно биро и летна сцена каде ќе се одржуваат културните настани. Проектот е финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка и е вреден 457 илјади евра, а по 15 проценти учество имаат и владите на двете држави.