Македонија
29. јуни 2016 - 13:57

Проект за јакнење на заштитата на правата на осудените лица

Јакнење на заштитата на правата на осудените лица во согласност со стандардите на Советот на Европа, ефикасно управување со затворите и воспоставување механизми за справување со насилство, подобрување на третманот на осудените лица и воведување на ефикасни механизми за справување со несоодветно постапување и корупција има за цел проектот „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица“ на Советот на Европа.

Министерот за правда Валдет Џафери, на отворањето на проектот, истакна дека Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ се соочува со бројни предизвици за ефикасно спроведување на крупни реформски активности во повеќе области од општествениот живот, вклучително и пенитенцијарниот систем во државата.

- Развојот на пенитенцијарниот систем е еден од приоритетните цели на Владата на Република Македонија, а за тоа говорат бројните успешно реализирани проекти, како и планираните програми и стратегии за понатамошно подобрување на оваа област, истакна Џафери.

Потсети дека во мај 2015 година Македонија ја усвои националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем со точно прецизирани активности кои се тематски дефинирани во рамките на вкупно 13 стратешки цели. Долгорочни цели во наредниот период се унапредување на ефикасноста и ефективноста на пенитенцијарниот систем, подобрување на начинот на постапување со целосно почитување на човековите права и достоинство на лица во казнено и воспитно поправните установи, ресолизација на осудените и малолетни лица и нивна успешна реинтеграција во општеството, како и подобрување на условите и намалување на преполноста во установите.

Шефот на одделот за политички прашања и информирање при Делегација на Европската Унија Лукаш Холуб истакна дека јавноста многу често не е заинтересирана за затворскиот систем и за затворите најчество се зборува само кога има бегство, штрајк со глад, протест или некое насилство.

- Затворите се лицето на системот на правда на една држава. Несоодветно постапување со затвореници се смета за едно од најтешките кршења на човековите права. Условите во затворите во вашата држава остануваат тешки, регистирирани се напори за нивно подобрување како проекти за реновирање и отворање на нов тренинг центар, како и подобрување на постапките и правата на затворениците. Новата стратегија за развој на затворскиот систем содржи солиден план за справување со проблемите за кои е потребно и најмногу работа и подобрување. Но, потребно е и силно политичко лидерство и напорна работа од сите институции, истакна Холуб.

Координатор на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција при Совет на Европа Тања Ван Дајк изјави, дека проектот се фокусира на зајакнување на организациските и менаџерски капацитети на пенитенцијарниот систем со идеа дека тоа ќе резултира со подобра заштита и третман со осудените лица. 

Според проектниот раководител Петар Јорданоски, преку проектот Советот на Европа ќе им обезбеди поддршка на националните власти во нивните напори за надминување на идентификуваните недостатоци и зајакнување на пенитенцијарниот систем и спречување на практичните слабости поврзани со третманот со осудени лица во казнено-поправните установи.

Посочи дека програмата ќе биде спроведена во блиска соработка и партнерство со Министерството за правда, поточно Управа за извршување санкции, а истовремено ќе вклучи и други институции и релевантни чинители кои се активни во областа на пенитенцијарната реформа и борбата против несоодветното постапување и неказнивоста.

Програмата е ко-финансирана од Европската Унија и Советот на Европа како дел од „Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција” и ќе биде спроведена од страна на Советот на Европа. Проектот е со времетраење од 30 месеци и буџет од 950.000 евра.