Бизнис
6. February 2018 - 8:52

Проект за формирање прв национален совет за женско претприемништво

Јакнење на придонесот и ефикасноста на граѓанските организации од женското претприемништво кон ЕУ интегративните реформи во областа на економската политика (We Contribute) е проектот чиј почеток ќе биде означен денеска. 

Проектот ќе биде имплементиран од страна на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување во партнерство со Здружението на бизнис жени и ГТФ Иницијативата за одржлив раст од Хрватска. Проектот е финансиран од ЕУ.

На настанот е најавено учество на релевантни претставници од владиниот и граѓанскиот сектор.

Проектниот менаџер од МИР Фондација, Емилија Андонова ќе ја отвори конференцијата.

На конференцијата е предвидено да има обуки, советување, менторски сесии, онлајн курсеви за развој на вештини, формирање на првиот национален совет за женско претприемништво, креирање на веб-портал за информации поврзани со женско претприемништво, снимање видео со женски претприемачи и водич за граѓански организации и промотивни брошури.

Валентина Дисоска од Здружение на бизнис жени ќе говори за важноста на проектот за развојот на женското претприемништво и очекувани резултати, додека пак Мери Ен Рукавина Ципетиќ од ГТФ – Иницијатива за одржлив развој ќе ги презентира политиките за женско претприемништво и улогата на граѓанскиот сектор во Хрватска.

Главната цел на проектот е да се подобри одговорот на граѓанското општество кон предизвиците за интеграција во ЕУ во областа на женското претприемништво, со тоа што ќе се обезбедат експертите, ресурсите и искуствата на граѓанските организации за надополнување на активностите поврзани со оваа сфера, со што се зајакнува граѓанскиот дијалог и се придонесува кон јакнење на политиката и иницијативите за поддршка.

Со планираните активности, проектот ќе се осврне на некои од идентификуваните предизвици и ќе придонесе, меѓу другото, за позиционирање на жените претприемачки и нивните организации, како еден од клучните социјални партнери во процесите на реформи за интеграција во ЕУ.