Македонија
7. September 2017 - 14:59

Проект- вработување на млади лица, корисници на социјална помош

Колицијата „Сега“ денеска го промовираше проектот за подобрување на социјалната инклузија преку јакнење на вработливоста „Отворена врата- за млади од млади“. Со овој проект се опфатени 80 лица, од Скопје, Битола, Прилеп, Штип,  чии семејства се корисници на социјална помош.

- Тргнавме од фактот кој говори дека 4.000 млади се корисници на социјална помош. Ова е фрапантна бројка на лица кои никогаш не помислиле да се вклучат на пазарот на трудот. Баравме од каде да најдеме соодветно искуство кое е адекватно на нашето поднебје. Го применивме словачкиот модел, кој кај нив дава одлични резултати, од аспект на индивидуална поддршка. Дојдовме до научена лекција дека институциите и граѓанскиот сектор мора да креираат соодветни стратегии коишто ќе им помогнат на овие лица да се вработат, изјави Зоран Илиевски, извршен директор на Коалиција „Сега“.

Тој информираше дека оние социјални случаи кои биле опфатени со проектот, сега имаат можност да бидат на работно место кај работодавците во согласност со нивните компетенции.

- Во насока на поддршка на вработливоста на овие млади луѓе, 20 обучувачи,  како ресурс, стојат на располагање во институциите и во граѓанскиот сектор во наредниот период, соопшти Илиевски. 

Истражувањата на Коалицијата „Сега“ покажале дека многу од младите луѓе се откажале по првото работно искуство, бидејќи увиделе дека немаат вештини за работното место. Тоа ги демотивирало да побараат нова работа.

- Имајќи предвид дека се работи за многу специфична целна група, овие млади луѓе се најчесто во затворени семејства кои долго време користат социјална помош и како такви никогаш немале можност да работат.

Со проектот овозможивме да ја промениме свеста кај овие млади луѓе, да станат свесни дека влегувањето во работниот живот, обезбедува не само материјални средства туку и можност за социјализација, и давање придонес и на државата, потенцираше Илиевски.

Инаку, 65 проценти од младите лица-социјални случаи, имаат завршено средно образование. Голем дел од нив се припадници на ромската етничка заедница. 

- Од истражувањето можам да кажам дека покрај што е клучно образованието за овие лица за да се вклучат на пазарот на трудот, многу е битно тие да се стекнат и со вештини. Но, исто така важно е Центрите за социјлана работа со овие млади луѓе да работат на дополнителна психолошка работа и мотивација, изјави Катерина Јовановска од Коалицијата „Сега“.